Првостепената пресуда за обвинетите за убиството на скопјанецот Никола Саздовски – Саздо, ќе е осудителна, но со жалба заради немање докази и мотив за свирепо убиство, пресудата веројатно ќе биде укината.
Ова го тврди Ванчо Шехтански, адвокат на семејството на убиениот Саздовски, во статус кој го напиша на својот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Како причина за ваков развој на настаните во судскиот процес, тој го наведува тоа што судот го одбил неговото барање за вештачење на мобилните телефони на Саздовски и на убијците, како и вештачење од страна на одделот за форензика при МВР на месенџер комуникацијата.
Шехтански смета дека токму со вештачењата ќе се докажел мотивот за злосторството.
Не практикувам долги текстови , но вечерва чувствувам обврска, Македонската јавност да биде целосно запозната. Како адвокат на семејството на Никола Саздовски кој беше брутално убиен од стана на три лица, на денешното судско рочиште побарав вештачење на неговиот мобилен и мобилните на извршителите, како и вештачење од страна на одделот за форензика при мвр на месенџер комуникацијата. Ова беше одбиено од страна на судот, како непотребно, извршителите наводно немале мобилни но и заради тоа што тоа не го барало Обвинителството во текот на истрагата ? Чудно, зошто тоа е лесно утврдливо и претставува неспорен мотив за злосторството но очигледно целта е после првостепената пресуда која ќе е осудителна со жалба заради немање докази и мотив за свирепо убиство, пресудата да биде веројатно укината.
Поентата е дека намерно се крие мотивот, обвинителството очигледно е на другата страна и наместо да обезбеди докази тоа ги крие, а комуникацијата која претходела пред настанот со сите сили се крие, па се води кон, гнасна опструкција во која “ виновник ќе биде летачка метална кутија”, со придружни протести на обесправени граѓани.
Професионално ќе сторам се’ во името на правдата и честа за детето кое Неможе да се врати, но институционални намерни опструкции можат да се сопрат само со вас, да не биде и ова еден од многуте, големи предмети без финален завршеток со политички меѓуетнички пазар.