Претпазливо тргување на европските берзи пред извештајот за инфлацијата во еврозоната

На европските берзи во вторник претпладнето се тргува внимателно, а берзанските индекси изгубија дел од вчерашните добивки додека инвеститорите го чекаат извештајот за инфлацијата во еврозоната.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето беше во минус за 0,5 отсто, со што загуби дел од вчерашните добивки. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,45 отсто, на 8.129 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,48 отсто, на 18.200 поени, а париски CAC 0,75 отсто, на 7.505 поени.

Денеска првата проценка на Eurostat за инфлацијата во еврозоната ќе биде во фокусот на инвеститорите, што би можело да покаже дали има простор Европската централна банка (ECB) дополнително да ги намали каматните стапки.

И на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период од тргувањето како и во Европа беше во минус за 0,2 отсто. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei зајакна за 1,1 отсто, а цените на акциите во Хонгконг, исто така, пораснаа за околу 0,3 отсто. Стагнираа во Шангај, додека во Австралија и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,4 и 0,8 отсто.

На берзите преовладува претпазливост, бидејќи најновите податоци покажуваат дека економиите во регионот не се во најдобра кондиција, додека инфлацијата не се намалува толку брзо како што се надеваа инвеститорите. Пазарите се поддржани од растот на технолошкиот сектор, што беше главната причина за растот на берзанските индекси на Волстрит во последните седмици.