Претплазиво тргување на Волстрит, индексите стагнираат

На Волстрит се тргуваше претпазливо во вторникот додека инвеститорите чекаат вести кои би можеле да го насочат пазарот, па берзанските индекси не осцилираа значително.

А на повеќето европски берзи цените на акциите вчера пораснаа. Додуша, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,31 отсто, на 7.489 поени, но франкфуртски DAX зајакна за 0,78 отсто, на 16.533 поени, а париски CAC за 0,74 отсто, на 7.386 поени.

Во Њујорк, пак, индексот Dow Jones загуби 0,22 отсто, на 36.124 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,06 отсто, на 4.567 поени. Индексот Nasdaq, пак, зајакна за 0,31 отсто, на 14.229 поени.

Во ноември, индексот S&P 500 скокна за речиси 9 отсто, благодарение на слабеењето на инфлацијата во САД, што ги натера инвеститорите да се уверат дека американската централна банка го завршила циклусот на затегнување на монетарната политика и наскоро ќе започне со намалување на каматните стапки. Сепак, последниве денови се тргува претпазливо, бидејќи пазарот за многу краток временски период порасна многу силно.

„Fed веројатно заврши со зголемувањето на каматните стапки, па најважното прашање сега е кога ќе почнат да ги намалуваат“, вели Сем Стовал, стратег во „CFRA Research“.

Пооптимистичките аналитичари проценуваат дека Fed би можел да започне со олабавување на монетарната политика веќе во март, додека пореалните тоа го очекуваат кон средината на следната година. Сепак, тоа ќе зависи од трендот на инфлацијата и економијата во наредните месеци.

Еден патоказ ќе биде и извештајот за вработување во САД за ноември, кој ќе биде објавен во петок. Доколку продолжи забавувањето на вработеноста и растот на платите, тоа би значело дека инфлаторните притисоци би можеле дополнително да се намалат во наредните месеци, па Fed нема да има причина дополнително да ја заостри монетарната политика.

„Како што каматните стапки растат и побарувачката слабее, компаниите не вработуваат толку многу како порано, а тоа е она што го сака Fed“, објаснува Стовал.

Но, доколку се покаже дека вработеноста и платите се позначајно зголемени, берзата би можела да се најде под притисок, бидејќи тоа би значело дека каматните стапки би можеле да останат на покачените нивоа подолг период отколку што се надеваат инвеститорите.