Претпоследна колумна!

Нашата некогашна култна група „Леб и Сол“ во еден од своите фантастични албуми имаше песна со чуден наслов „Претпоследен валц“, супер елегична инструментална песна, родена за филмска музика, ако не сте ја слушнале… обавезно, моја препорака. Мене одсекогаш насловот на песната ме воодушевуваше и ме чудеше. Што е смислата на овој наслов? Што воопшто значи насловот? За да сфатам денеска, барем она што јас го мислам, дека ова е последна опомена некому, кому и да е пратена пораката пред да дојде последниот валц, или што и да е.

Од тие причини и вашиот колумнист, писател, мислител, и секогаш „оптимист“, ова свое денеска мало пишано чедо ја нарече „Претпоследна колумна“. Зошто? – сега ќе се праша некој. Има, има многу, многу, многу големи и мали причини, но најважната е следнава.

Едноставно се чуствувам уморен, потиштен, на моменти и безгласен, па дури и тешко „песимистички“ настроен, дека нешто овде во оваа наша мила мала државичка Македонија ќе се смени и оправи. Од секојдевните случувања во јавниот наш живот, а не се ни малку убави, секојдневно поскапување на животот, егзодусот на младите барајќи спас надвор од матичната држава (кому само ќе ја оставиме оваа наша државичка?) секојдневното тивко изумирање на државата, културата, спортот (напред Вардар), здравството, економијата, политикава (блјак), зарем некому е дојдено до туризмот? Не знам дали некогаш сте се почуствувале дека едноставно се предавате, негледајќи во надежна иднина некаква? Дали?

Егзодусот на македонизмот почна одамна, ама деновиве е на дело, умирајќи ја културата, историјата, писменоста, апсурдноста да се тргнат замислете „Црно семе“ и „Црнила“ од задолжителна лектира за читање, укажувања дека јас сум „Македонец“, а ти си „северџан“, држава во која царува дете од 24 години кој бил голем претприемач, само зашто чичко му е „европскиот Али“, кој е на власт веќе 20 години, цицајќи наши и нивни пари, а сите ние другите сме глупите, и немите безидејни слепци (за жал така го осеќам нашиот народ, немоќен, молчалив, безгласен, на моменти слеп, нека простат сите) и што би рекол големиот Кундера, слава му, „Македонија е подложена на арбитрарен меѓународен инжинеринг против вољата на нејзиниот народ“.

Е, така се чуствувам мои драги читатели во овој момент (иако многу подолго време трае ова тешко чувство, како и чувството дали да престанам да пишувам веќе). За сето ова наше дружење во изминативе две ипол години, пишани 26 колумни, препораки, критики и на свое перо (огромна благодарност до НетПресс), едноставно дојде моментот кога се запрашувам, а кому јас делам памет воопшто? Кому му дошло за туризмот воопшто: Ма супер е туризмот и државата и се’. Може јас не чинам? Може очекувам нешто спектакуларно да дојде!

Дојде време налик на многу такви оптимисти-песимисти, борци за свои и туѓи права, кои имаа свои јасни принципи во својот живот, налик на Јасер Арафат кој никогаш не го симна оној шарен шал од себеси се до ослободувањето на неговата држава, Оливер Стоун кој пркосеше на се она „land of the free and the home of the brave“, Марлон  Брандо кој никогаш не дојде на доделувањето на Оскарите, ниту на неговиот оскар, како пркос на она што останатиот свет им го направи на домицилните Индијанци, или големиот Кундера кој никогаш не се врати во својата држава и покрај нејзиното ослободување од советскиот болшевизам, а беше избрканиот непосакан дисидент.

Така и мојот принцип е ова да биде мојата „Претпоследна колумна“, како пркос на што се случува во ова наше и мое 53 годишно патешествие, се’ до некои подобри времиња за нас „рајске птице“ (цитат Бело Копче). До тогаш останете ми живи и здрави, и кренето го својот глас веќе еднаш, секој наш повишен тон, било каде ќе победи, само молкот е ужасен, не дозволувајте ужас без крај.

Во некои поубави времиња се читаме повторно. А туризмот? Може тој и без мене.

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес