Претрес во партијата „Препород“на францускиот претседател Макрон

Француската полиција изврши претрес во седиштето на партијата „Препород“ на претседателот Емануел Макрон, како дел од истрагата за финансирањето на изборните кампањи во 2017 и 2022 година.

Истрагата за финансирање на кампањата премина во оперативна фаза, а француската жандармерија влезе во седиштето на партијата на Макрон, како и во просториите на консултантската фирма „Меккинси“ во Осмиот париски арондисман, по што аферата го доби и името, јави парискиот весник „Паризиен“.

Информацијата ја потврдија и од државното обвинителство за финансии, пишува „Либерасион“ и додава дека и претходно биле претресувани канцелариите на „Меккинси“, но ова е првпат жандармеријата да биде во просториите на партијата на Макрон.

Претресот е извршен врз основа на две истраги што ги води обвинителството, а француските медиуми јавуваат дека жандармеријата ги посетила и канцелариите на финансиери на кампањата.

Француските обвинители во октомври отворија истрага за финансирањето на претседателските кампањи на Макрон и финансиските неправилности поврзани со ангажирањето на консултантски фирми.

Францускиот министер за економија Бруно Лемер во ноември призна дека имало неправилности при ангажирањето на консултантската фирма „Меккинси“.