Грчкиот претседател Прокопос Павлопулос го потпиша денеска указот за одржување на референдум во Грција на 5 јули, на кој Грците треба да се изјаснат дали сакаат продолжување на програмата за помош на земјата, во замена за спроведување реформи и мерки на штедење, пренесе МИА, повикувајќи се на ТАСС.
Одлуката за свикување на референдумот ја донесе грчкиот премиер Алексис Ципрас со цел како што рече да им овозможи на Грците да го изнесат својот став по предложениот план од страна на кредиторите за помош на Грција.
Според него, Владата е должна на еден ваков „ултиматум да одговори со суверената волја на народот“.
Во меѓу време, поранешниот грчки премиер и лидер на опозициската партија Нова демократија, Андонис Самарас го повика Ципрас да го откаже референдумот и да се обиде да формира влада на национално единство.
– Нашата земја треба да остане во Европа и во еврозоната. Господин Ципрас треба да продолжи да преговара, изјави Самарас.
Според него, доколку Ципрас не може сам да постигне договор со кредиторите, тогаш треба да се обиде да обезбеди широк национален консензус, преку формирањето на влада на национално единство.
Кредиторите ги прекинаа преговорите со Грција, откако Ципрас го закажа референдумот за 5 јули.