Претседателот Стево Пендаровски денеска во Истанбул оствари средба со Неговата Сесветост г.г. Вартоломеј Први, Архиепископ Константинополски на Нов Рим и Вселенски патријарх.
На средбата претседателот Пендаровски искажа благодарност до Вселенскиот Патријарх за посебната улога која ја има во надминувањето на црковниот спор поврзан со нашата црква. Преку неговата одлука од 9 мај 2020 година, денес нашата Црква се наоѓа во канонско единство со другите православни цркви, прифатена како рамноправна со сите останати.
-На средбата беше констатирано дека единствениот пат за добивање на легитимен и целосно прифатен Томос за автокефалност е оној кој го издава Вселенската Патријаршија. Поради тоа очекуваме, како држава и Црква од врховното институционално тело во православието, да ни го додели официјалниот документ за црковна самостојност – Томос за автокефалност. Со одлуките на Вселенската Патријаршија на нашата Црква и се признава правото на користење на името Охридска Архиепископија, што значи црковен континуитет од 1000 години, се наведува во соопштението од кабинетот на Пендаровски.
Целосното заокружување на процесот на автокефалност е и од врвен национален интерес, бидејќи отвара можност за ново и духовно растење на Охридската Архиепископија, напредок и помирување во македонското општество и држава.