Драмски театар денеска одржа прес-конференција за претставата ”Емигранти” која доаѓа на репертоарот на театарот. Претпремиерата на претставата е закажана во петок, а премиерата во сабота со почеток во 20 часот.
Да се престојува во подрумот, во сутеренот на животот… Да се биде заробеник на мечтите, илузиите, соништата, погрешно поставените тези. Да се слуша животот преку канализационите цевки и вентилационите отвори. Тоа се „Емигрантите“ на Славомир Мрожек, и тогаш кога е напишан овој брилијантен трагикомичен текст, и денес. Секогаш актуелниот Мрожек, точен и болен до коска – се лепи како магнет за секоја пукнатина во надежите, за секое изневерено очекување, за секој изгубен правец, за секој распад на општеството, на личноста.
Извонредна провокација за еден веќе искусен режисер и двајца бескрајно надарени млади актери. Брутално реалистичната приказна би можела да биде и нејзина и нивна, истовремено. Нејзина, онаа на заточеничка во својата возраст, во своите позиции во општеството во длабока криза, во своите длабоко пуштени корени тука, во својата потреба од конечна валоризација на еден живот посветен на други, ама на некое друго место и нивната, онаа на луѓе на стартот на своите надежи и идеали, а веќе изморени од животот во општество кое тврди дека некаде оди со јасна визија каде, а всушност стои во место, откако се родиле па сè до денес.
Пикнати во една импровизирана соба во сутеренот на една зграда во голем европски град, двајцата емигранти АА, интелектуалец со политичка предисторија и ХХ, простодушен човек од село, физички работник, се сокриле од светот, заринкани во сопствените стравови, комплекси, наталожени сеќавања, проекции за самите себеси и претпоставки за себе како туѓи проекции, очекувања што не смеат да ги изневерат.
ЕМИГРАНТИ ВО ТУЃИНА?
Малиот човек наспроти големата метропола.
Примитивизмот и самодоволноста наспроти европскиот концепт.
Паланечка психологија на непрепознавање на прогресот од било кој тип, во која „човекот од народот“ секогаш останува на село во својот ментален судир со непознатото, а „политичкиот прогоненик“ ја изгубил смислата на својата борба во контекст на кој не му припаѓа и кој го прави маргинален.
ЕМИГРАНТИ ВО СВОЈАТА СОПСТВЕНА ЗЕМЈА?
Емигранти од своите убедувања. Луѓе побегнати од самите себеси, независно од социјалното милје на кое му припаѓаат, од степенот на едуцираност, од интелектот… Скриени од светот, скриени од самите себеси.
Работникот и интелектуалецот, во вечен судир на меѓусебно држење во заложништво.
Примитивизмот и агресијата, слепата конзервативна одбрана на квази-националното и традиционалното визави прогресивното, од една страна и ароганцијата помешана со кукавичлук наместо дрскост во справувањето со концептите за напредок, како и егоизмот и елитизмот, од друга страна.
Претстава – пресек на едно општество во распад. Општество на изгубени души.