Превентивна кампања против пожари на Галичица

Во рамките на превентивниот проект „Безбедно лето 2022“, СВР Охрид вчера (27.07.2022 година), на патот Охрид–Св.Наум, со кракот кон планината Галичица и Отешево, ја реализираа превентивната кампања „Заштити се од пожари на отворен простор“. Притоа, претставници од Одделението за превенција и од Националниот парк „Галичица“ на граѓаните кои се движеа на тој потег им укажаа на опасностите и последиците од пожари и на потребата од безбедно движење и престој во планинскиот појас, како и на преземање мерки за заштита од пожари, а ги потсетија и на казнените одредби за непридржување кон законските обврски и им поделија летоци и друг едукативен материјал со практични совети за заштита од пожари на отворен простор.
Како дел од превентивниот проект „Безбедно лето“, беше реализирана и кампањата ,,Заштити се од кражби на плажа“. Притоа, на повеќе плажи на охридското крајбрежје беа остварени разговори со туристите и им беше укажано на потребата од поголема внимателност и заштита на паричниците и другите вредни лични предмети кои ги носат на плажа или ги оставаат во паркираните возила. Полициските службеници поделија и летоци со едукативна содржина и практични мерки за поголема заштита од кражби на плажи.