Презентиран евтиниот смартфон со гигантска батерија на Samsung

Јужнокорејската технолошка компанија Samsung го презентираше евтиниот паметен телефон Galaxy M31 Prime Edition, чијашто главна одлика е поголемата автономност, а првиот пазар на кој новитетот ќе биде пласиран е Индија, соопшти компанијата.

Овој паметен телефон е изработен во пластично тело и има 16-сантиметарски Super AMOLED екран со FullHD+ резолуција. Моделот е изработен врз платформата Exynos 9611 и е достапен во една конфигурација на меморијата од 6/128 GB.

Фотомодулот вклучува четири сензори: главниот со 64 мегапиксели, широкоаголен со 8 мегапиксели и две камери од 5 мегапиксели – макро и за заматување на заднината. Интересно е што предната камера од 32 мегапиксели, како и главната, можат да снимаат видео во 4К резолуција.

Главната карактеристика на овој паметен телефон е неговата автономност. Производителот во Galaxy M31 Prime Edition ја вградил батеријата со капацитет од 6000 mAh, што е доволно за 26 часовна континуирана репродукција на видео. Притоа брзото полнење е само до 15W.

Продажбата на Samsung Galaxy M31 Prime Edition на индискиот пазар почнува на 17-то октомври, а неговата цена изнесува 225 американски долари.