Претставниците од малите и средни претпријатија, од научно-истражувачките институции и универзитетите денеска на Факултетот за електротехника и информациски технологии-ФЕИТ ќе се запознаат со можностите за финансирање иновации, истражување и развој од страна на Европската унија, програмата „Хоризонт 2020“. На располагање се околу 70 милијарди евра, пренесе МИА.
– Македонија, благодарение на уплатата што ја има за национално учество во оваа програма, им дава можност на претпријатијата и на научно-истражувачките институции од нашата држава да аплицираат на повиците кои се објавуваат во рамки на „Хоризонт 2020“. Можностите се за финансирање на подготвителни проекти, до 50 илијади евра. Проектите за истражување и развој и развојни иновации можат да одат до пет милиони евра, зависно од повикот, рече Јасмина Поповска, директор на Фондот за за иновации и технолошки развој.
Оваа програма, како што рече, овозможува многу повеќе финансирање од Фондот што ги има на располагање.
Петар Моѓороши од Унгарија, оперативен советник за работењето на Фондот и експерт во иновациски менаџмент изјави дека има повеќе видови инструменти и додаде оти најчесто аплицираат конзорциуми, каде можат да учествуваат мали и средни претпријатија, големи компании и истражувачки организации, пренесе МИА.
– Има инструменти насочени за мали и средни претпријатија. Проектите за нив се одвиваат во три фази. Првата фаза е подготовка на подготвителен план или физибилити студија, за која се добиваат околу 50 илјади евра. Втората фаза се однесува на самиот развој на иновативниот продукт или технологија. Тоа е делот на истражување и развој. Се работи за финансирање од половина милион евра до пет, рече Моѓороши.
Тој појасни дека третата фаза се однесува на донесување на развиениот производ до пазарот. Тука, како што рече, не се вклучени пари, а поддршката е преку советодавни услуги за фирмите, за секоја услуга.
Деканот на Факултет за електротехника и информациски технологии-ФЕИТ проф. д-р Миле Станковски, како домаќин на работилницата, информира дека имаат два проекти кои се одвиваат во рамки на „Хоризонт 2020“, а се за енергетска ефикасност.
– Ние сме факултет со поголем број на научнно-истражувачки проекти. Еден од грантовите кој го додели Фондот за иновации од 16 гранта за старт-ап комапнии е на нашиот факултет Тројца наши професори добија грант за формирање на старт-ап компанија, која наредниот период ќе ја формираме и ќе се обидеме да живее, рече Станковски. Додаде дека за кратко време ќе аплицираат за некоја од програмите на „Хоризонт 2020“, пренесе МИА.