Предлог-проектите за новата програма за намалување на аерозагадувањето за 2020 година ќе бидат систематизирани во четири основни столба: административно – управни, техничко – технолошки, мониторинг и здравствен индикатор, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
Оттаму информираат дека денеска во Скопје се одржа 12-та седница на Интерресорската работна група за следење на состојбата со квалитетот на амбиенталниот воздух, чиј претседател е заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.
Заменик-министерот Макрадули, како што се наведува, информираше за статусот на реализација на мерките и активностите од Програмата за 2019 и ги презентираше новите предлог-проекти за новата програма за намалување на аерозагадувањето за 2020 година, кои ќе бидат систематизирани во четири основни столба, и тоа: административно – управни, техничко – технолошки, мониторинг и здравствен индикатор.
На состанокот, како што се наведува во соопштението, следуваше опсежна дискусија за секој столб и секој проект поединечно.
– Можноста за нови предлози ќе биде отворена и за академската зедница и за НВО секторот, со одржување дополнителни средби и состаноци, со крајна цел изработка на Програма за намалување на аерозагадувањето за 2020 година која ќе содржи квалитетни мерки и активности кои ќе претставуваат солидна основа за успешна реализација на целата програма, се вели во соопштението од Министерството за животна средина и просторно планирање.