На 11.08.2003 година, Владата на Република Македонија усвои Стратегија за реформи во полицијата, која беше изработена од работна група од МВР, со несебична помош и подршка од експерти на Европската Комисија. Во јануари 2004 година, откако беа испеглани сите забелешки и спорни делови од Стратегијата, беше усвоен Анекс, кој стана дел од тој исклучително значаен документ.
Велам исклучително значаен документ, бидејќи тој претставуваше документ со целосно заокружен систем на функционална организациона поставеност на полицијата, со јасно дефинирани надлежности, со јасна разграничувачка линија меѓу стратешкото, оперативното и извршното равниште во поставеноста, со ослободување на полицијата од неполициските функции, со одговорности кои лесно се лоцираат, со правни процедури, етички принципи за заштита на слободите, правата и приватноста на граѓаните, но и со точно дефиниран број на полициски службеници – 7.200, од кои 6.000 би биле униформирани полициски службеници, а 1.200 би биле цивилна оператива. Во оваа бројка не влегуваат припадниците на граничната полиција, која согласно стандардната методологија за пресметка на бројот полициски службеници за обезбедување на државната граница требаше да биде 2.640.
Тоа беа бројки што не можеше да ги разбере тогашниот и сегашен директор на БЈБ, како и тие што беа во тој временски период меѓу директорувањето на истиот, актуелен Лазе Велковски.
Само за потсетување на министерот Спасовски и директорот Велковски, стандардната методологија за пресметка на бројот на полициските службеници се раководеше од принципот – 1 полициски службеник на 350 граѓани, што претставуваше отстапка од европските стандарди, бидејќи се сметаше дека нашата земја е со поголеми безбедносни предизвици. Имено, за разлика од западноевропските земји, каде што тој сооднос варира од 1 полициски службеник на 500 граѓани до 1 полициски службеник на 850/950 граѓани во скандинавските земји, токму заради зголемените ризици се препорача, а Владата на Република Македонија прифати и презема обврска, соодносот на граѓаните и полициските службеници да биде 350:1.
Колку беше сериозна обврската за сведување на бројот на полициските службеници говори фактот што во тоа време, во МВР работеа околу 12.000 полициски службеници.
Имајќи ја предвид ваквата состојба, како и оценката на експертите од Европската Комисија, кои најнапред направија функционална анализа на македонската полиција, која се содржеше во една поразителна реченица – вие имате нефункционален полициски систем, кој може да се каже дека функционира како систем на колективна полициска неодговорност кажана пред самиот почеток на креирање на Стратегијата (Ulrich Dugass, експерт од СР Германија, поранешен директор на полицијата на Северна Рајна Вествалија и проект менаџер на спроведените реформи во полицијата на Бранденбург, а ангажиран како супервизор на реформскиот процес во нашата полиција).
Од Стратегијата за реформи во полицијата, до денес се направија формални промени, со шминка која отиде во сосема друга насока, така што тој документ остана само пуста желба, пуста визија за една поинаква, поодговорна полициска структура во едно општество кое требаше да биде демократско и слободно.
Со судни маки се овозможи, без сериозни турбуленции, да нема отпуштања на полициски службеници, се направи измена на Законот за внатрешни работи, со кои се овозможи на сите кои ќе наполнат 40 години пензиски стаж, по сила на закон да заминат во пензија. Ова беше многу важна претпоставка за успешно реализирање на реформата. Проценката беше дека за период од пет години, само по овој принцип, во пензија ќе заминат доволен број полициски службеници со што ќе се исполнат прифатените обврски во поглед на утврдениот број.
На тој начин, се постигнуваше и друг бенефит, имено, бидејќи најголемиот дел од тие што требаше да заминат во пензија беа Mакедонци (само 0,96 oтсто од нив беа Албанци и припадници на останатите етнички заедници), ќе се постигнеше и соодветен баланс во правичната застапеност на сите етнички заедници во полицијата. Но, очигледно е дека никој од тие што требало да ја прочитаат Стратегијата за реформи во полицијата, не ја прочитал, ниту пак разбрале кои обврски Република Македонија ги презела на долгиот пат на реформи.
По заминувањето на германските експерти и доаѓањето на француските, па се’ до постојните експерти од Европската Комисија, терајќи си го лагодниот живот, незнаејќи ја суштината на Усвоената Стратегија, нудат експериментални решенија кои се апсолутно нефункционални за нашите прилики. Тие и не посветуваат внимание на тоа што стварно се случува во процесот на реформирање на македонската полиција – од систем на колективна неодговорност, во функционално поставување на полициски систем кој ќе биде ефикасен и ефективен сервис на граѓаните.
Сега читаме нов оглас за прием на 500 нови „инстант“ полицајци.
Џабе беа пропагандните снимки за системот на проверки на кандидатите, кога низ кулоарите јавно се говореше дека има друга врата за влез во полицијата, на која се влегува со 2.000 евра.
Овој оглас што сега се распишува не може да се гледа низ друга призма, освен низ призмата на актуелните случувања – локални избори, период во кој согласно Законот за спречување на корупцијата е забрането какво било вработување во администрацијата и јавниот сектор, или некој сака на мала врата, пред локалните избори да направи баланс во полицијата, колку ваши толку наши, при што се заборава дека полицијата треба да е професионален орган со задача да го спроведува законот подеднакво за сите граѓани, без разлика на нивната национална, партиска, верска или полова припадност и без разлика на нивниот социјален статус.
Се прашувам дали онаа врата за која во јавноста се шпекулираше, а низ која се влегува со 2.000 евра, ќе остане отворена, треба да го видиме и тоа, но во вакви околности, со постојниот систем на полициска едукација, ништо од професионализмот.
Спомнав „инстант“ полицајци, должен сум да објаснам. За некој да се стекне со квалификација да ве шиша и потшишува, потребно е да заврши три годишно средно училиште… а, во случајов, некој да може да засегне во вашите слободи и права, да засегне во вашата приватност, да примени сила, дури и онаа најтешката форма – смртна сила, е, за нив е потребен курс од девет месеци теорија кој го реализираат „искусни“ полициски службеници без положен испит и стекнат сертификат за професори; како и три месеци пракса… разликата е како убаво подготвено Нес кафе и ставена топла водичка во инстант кафе. Да, и едното и другото е кафе, но фкусот и филингот никогаш неможат да бидат исти. Грешката која фризерот ќе ја направи, вообичаено се вели: „ајде за недела дена ќе ти порасне“, а грешката на полицискиот службеник, многу често е грешка со непоправливи последици.
Дали не е време да се преиспита и реафирмира Стратегијата за реформи во полицијата, заедно со процесот на едукација за полициски службеници, од кои граѓаните очекуваат да го спроведуваат законот, без најчесто партиска позадина, без предрасуди и без импровизации, бидејќи преопасна е играта на луѓето во сина униформа, особено што законот им овозможува да засегаат во правата на граѓаните за кои постојат Уставни и законски гаранции. Конечно, дали има потреба од нови вработувања во полицијата, кога согласно утврдените и договорени стандарди со Европската Комисија имаме многу поголем број полициски службеници, а особено што со политичките превирања во земјава, ваквиот потег логично, во јавноста се толкува како предизборен пакет за локалните избори, сега со цел да се направи некаков партиски баланс во полицијата и токму во период на распишани локални избори.
Тие што треба да го сопрат тој процес по инерција молчат – Државната комисија за спречување на корупцијата.
Срамен потег на позицијата, која со секој нов непромислен чекор само ја потврдува онаа народната – „Симни се Мурто, да се качи Курто“, а се колне во следењето на реформскиот, европски курс. Од се’ до сега што се направи во полицијата и нејзината структура уверува дека всушност се ’останува по старо, а од европскиот курс нема ништо.
Последниот настан во Струмица, каде што полициски службеник пукаше во малолетници, само го отвара прашањето за тоа каков систем на полициска едукација имаме и дали е целисходно, додека не се коригира едукативниот систем, да се примаат кандидати во Центарот за обука, особено што треба да се има предвид и преземената обврска, бројот да се сведе на вкупно 7.200 полициски службеници.