
„Витаминка“ АД Прилеп во првите шест месеци од годинава оствари добивка од 9,4 милиони денари, што е зголемување во однос на истиот период претходната година кога добивката на компанијата изнесувала 7,5 милиони денари, покажува билансот на успех на компанијата објавен преку Македонската берза.
„Витаминка“ одржа лекција по оптимизација и ангажман на ресурси, планирање и пазарна пенетрација и во услови на Covid-19 успеа да ја зголеми нето добивката за 25 отсто во споредба со лани. Најголемата прехранбено-кондиторска индустрија за половина година оствари приходи од продажба во износ од 18,9 милиони евра, ја зголеми продажбата на домашен пазар за 10 отсто во однос на лани и на пола година има добивка од 154.000 евра
Најголемата македонска прехранбено-кондиторска индустрија во првата половина од годинава има прекрасни и охрабрувачки резултати од работењето. Еден од најреномираните македонски производители на грицки, храна и колачи со кои растеле и растат генерации Македонци во периодот април – јуни оствари приходи од продажба во износ од 8,7 милиони евра! За првите шест месеци годинава приходите од продажба изнесуваат 18,9 милиони евра и се за 742.000 евра повисоки од истиот период лани односно 4 отсто раст во услови на корона состојба.
Домашната продажба на „Витаминка“ за првите шест месеци изнесува 11,74 милиони евра и тука на овој сегмент компанијата бележи раст од 10 отсто. Вториот „корона“ квартал дури „Витаминка“ успеала да одржи ниво на домашната продажба малку пониско во однос на првите три месеци годинава. Така од јануари до март продажбата дома изнесува 6,3 милиони евра, а во периодот април-јуни продажбата достигнала 5,44 милиони евра.
Извозот на производите на прилепската индустрија за првите шест месеци изнесуваат 7,2 милиони евра што е само за 4 отсто послаб резултат од истиот период лани. Во првиот квартал продажбата изнесува 3,9 милиони евра, а во второто тромесечје (април – јуни) 3,3 милиони евра.
Оперативните расходи на друштвото на првото полугодие изнесуваат 18,1 милиони евра и бележат раст за 4 отсто во споредба со истиот период лани. Најголемо учество, очекувано, во структурата на расходите имаат трошоците за суровини со 11,15 милиони евра. Втора најголема расходна ставка се трошоците за вработените кои изнесуваат 3 милиони евра.
Оперативната добивка на „Витаминка“ во првото полугодие е за 14 отсто повисока од истиот период лани и изнесува 357.400 евра. Тоа укажува дека компанијата и во услови на пандемија работела подобро од лани врз што многу веројатно дека имале влијание и државните стимулации на купување домашни производи. По „вагањето“ на финансиските расходи од финансиските приходи каде расходите се повисоки за 187.000 евра компанијата остварила добивка во износ од 154.000 евра за првите шест месеци годинава. Профитот на „Витаминка“ годинава е за 25 отсто повисок во споредба со истиот период лани.