Присила Присли, поранешна сопруга на рокенрол легендата Елвис Присли, поднесе правно барање да ја оспори валидноста на тестаментот на нивната покојна ќерка, објави BBC.
Лиза Мари Присли, единственото дете на двојката, почина на 12-ти јануари на 54-годишна возраст, откако доживеа срцев удар. Канцеларијата за судска медицина во округот Лос Анџелес сè уште не ја објави причината за смртта на Лиза Мари.
Лиза-Мари заедно со нејзината мајка Присила претходната вечер присуствуваа на 80-то издание на доделувањето на филмските награди Златен глобус во Лос Анџелес. Актерот Остин Батлер кој го толкуваше ликот на нејзиниот татко Елвис Присли во автобиографскиот филм „Elvis“ ја освои главната награда во категоријата најдобар актер во драма.
Со поднесокот пред судот се оспорува измената на тестаментот на Лиза Мари од 2016 година, со која беше отстранета Присила како администратор на оставнината. Името на Присила е погрешно напишано на документот и потписот изгледа необичен, според адвокатите на Присила Присли.
Во поднесокот пред Врховниот суд во Лос Анџелес, адвокатите на 77-годишната Присила рекоа дека таа станала свесна за „наводниот амандман од 2016 година“ дури по смртта на Лиза Мари.
Дополнувањето на тестаментот ги отстранува Присила и поранешниот деловен менаџер Бери Сигел како коизвршители и ги заменува со нејзините деца: 33-годишната актерка Рајли и Бенџамин Кеоу. Бенџамин Киу се самоуби во 2020 година на 27-годишна возраст.
Според адвокатите на Присила Присли, таа тврди дека додатокот не ѝ бил даден за време на животот на нејзината ќерка, како што конкретно се бара во тестаментот. Додатокот на тестаментот на Лиза Мари, исто така, „погрешно го напишал името на нејзината мајка“ и го носи потписот на Лиза Мари што „изгледа не е во согласност со нејзиниот вообичаен потпис“, според судските поднесоци во кои увид имале во BBC.
Нејзините адвокати, исто така, тврдат дека измената на тестаментот не е заверена кај јавен нотар.
„Врз основа на горенаведеното, наводниот амандман од 2016 година треба да се смета за неважечки“, се вели во поднесокот.
Правната постапка доаѓа помалку од една седмица откако семејството на Лиза Мари Присли присуствуваше на јавна комеморација за неа во семејниот имот Грејсленд во Мемфис. На богослужбата, Присила прочита песна за која рече дека ја напишала една од трите ќерки на Лиза Мари. Сите три, вклучувајќи ја и Рајли, приуствуваа на церемонијата.