Вишиот суд во Белград му одреди притвор до 30 дена на таткото на ученикот К.К (13), кој пред два дена во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ со пиштолот на својот татко уби осум соученици и еден чувар, а рани уште шест ученици и една наставничка.
Таткото на момчето 47-годишенмиот В.К. е осомничен за кривично дело против општата безбедност и дека тринаесетгодишниот син го обучувал да ракува со огнено оружје и муниција носејќи го на стрелиште.
Тој е обвинет и дека постапил спротивно на одредбите од Законот за оружје и муниција и Уредбата за просторно-технички услови за безбедно чување на оружјето со тоа што не обезбедил дете да не може да пристапи до оружјето и муницијата.
Притворот му е одреден поради постоење особени околности кои укажуваат дека може за краток временски период да го повтори кривичното дело, како и поради тоа што за кривичното дело кое му се става на товар му е пропишана казна затвор над десет години.
Вишото јавно обвинителство во Белград претходно соопшти дека таткото бил сослушан и дека тој ја негирал вината. При распитот осомничениот активно се бранел.
Обвинителството наведува дека К.К не одговара кривично бидејќи не наполнил 14 години, а заради опсервација е сместен во соодветна психијатриска установа за деца и млади.