Приведени 12 лица, 7 сообраќајки… за новогодишната ноќ во Македонија

На територијата на државата новогодишната ноќ помина мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир. За време на новогодишната ноќ регистрирано е намалување на бројот на кривичните дела на територијата на цела држава, приведени се вкупно 12 лица, а регистрирани се 18 прекршоци на јавниот ред и мир, од кои најголем дел физички напади и физички пресметки. Во текот на новогодишната ноќ се случиле седум сообраќајни незгоди, од кои најголемиот број со материјална штета, при што не се регистрирани жртви.

На подрачјето на СВР Скопје бележиме намалување на бројот на кривичните дела за разлика од минатата година, односно вкупно четири, и тоа по едно насилство, разбојништво, тешка кражба и нарушување на неповредливоста на домот, пет лица се приведени заради нарушен јавен ред и мир и сомнение за кражба. Регистрирани се осум нарушувања на јавниот ред и мир, од кои три физички напади, една физичка пресметка и два прекршока со карање, викање и непристојно однесување. На подрачјето на СВР Охрид регистрирани се „тешка кражба“, „кражба“ и „неовластено пукање со огнено оружје“, од слобода се лишени две лица, од прекршоци регистрирани се четири нарушувања на јавниот ред и мир. На подрачјето на СВР Битола регистриран е напад на службено лице при вршење работи на безбедноста, 10 возила се исклучени од сообраќај поради возење под дејство на алкохол, едно лице е лишено од слобода.

Мирна новогодишна ноќ имавме и на подрачјето на СВР Штип, регистриран е нарушен јавен ред и мир од страна на малолетни лица на подрачјето на Свети Николе и еден во угостителски објект во Кочани. На подрачјето на СВР Куманово регистрирани се три нарушувања на јавниот ред и мир и кривични дела „насилство“ и „залутано зрно“. На подрачјето на СВР Струмица регистрирани се две кривични дела, и тоа кражба и оштетување на туѓи предмети, и еден прекршок за „лажно пријавување“. На подрачјето на СВР Тетово констатирани се едно кривично дело „насилство“ и три прекршоци за нарушен јавен ред и мир, а приведени се пет лица. На подрачјето на СВР Велес не се констатирани кривични дела, ниту прекршоци против јавниот ред и мир.

Според информациите од кризниот штаб на подрачјето на Гевгелија откриени се 11 лица мигранти од кои 9 од Пакистан и две лица мигранти од Авганистан и сите се пренесени во Транзитниот центар Винојуг за понатамошна постапка. При извршени контроли на патнички возила констатирани се 125 прекршоци, од кои осум за неносење заштитна маска и 117 сообраќајни прекршоци.