Приведени двајца угостители во тетовско

Двајца сопственици на угостителски објекти во тетовско се приведени вчера навечер откако гости се забележени во внатрешноста на нивните локали, а воедно немало поставено маски соодветно на протоколите за работа во време на пандемија. Тие се откриени во заедничка акција на полицијата со Државен пазарен инспeкторат при што се извршени контроли на вкупно 31 објект.

„Вчера околу 23 часот и 30 минути, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода З.М.(48) од Тетово, поради основи на сомнение дека не ги почитувал протоколите за работа и сторил кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Поради сомнение дека сторил истото кривично дело, вчера околу 22 часот и 25 минути, исто така, во тетовско Одри бил лишен од слобода и С.Ф.(52) од ова село. Двајцата биле приведени во полициска станица“, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Полицијата за неносење заштитни маски поднела 56 прекршочни платни налози, согласно член 6 од соодветната владина Уредба. Нови решенија за изолација од Државен санитарен и здравствен инспекторат изготвени им се на вкупно 63 лицa, додека вкупно биле контролирани 352 лица со вакви решенија. Изјави за самоизолација потпишале вкупно 12 лица, а контролирани биле 73 лица со потпишани изјави за самоизолација.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.