Приведени повеќе членови на криминалната група на Раде Штекли, соопшти ОЈО ГОКК

Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата соопшти дека во акција на повеќе локации, приведени се повеќе лица кои се дел од криминална група што се занимава со продажба на дрога. Од таму додаваат дека од попладнево на повеќе места се вршат претреси, во Скопје и Гевгелија.

Повеќе информации од ОЈО ГОКК најавија дека ќе има во текот на утрешниот ден. Претходно од Министерството за внатрешни работи потврдија дека денеска е уапсен Раде Трајковски-Штекли кој е осомничен за трговија на дрога и бил водач на група од над десет члена кои се занимавале со продажба на наркотици.

Неофицијално, Штекли е уапсен при обид за бегство во близина на хотел во околината на Гевгелија.

Штекли во 2023 година два пати беше цел на вооружени напади во трговскиот центар „Ист гејт”, а во ноември минатата година во дворот на неговата куќа во скопската населба Ќерамидница беше фрлена бомба при што тој помина со полесна повреда.

Пред еден месец полицијата во слична акција уапси поголем дел од членовите на криминалната група Беланоца кои се сомничат за неколку убиства од минатото.

Во врска со денешната акција, висок полициски службеник остана без својот мобилен телефон. Тој се сомничи дека оддавал информации во врска со нарко клановите. Според некои информации, „кртот“ во МВР бил поврзан со клановите Беланоца/Барон, но и со Раде Трајковски – Штекли.