Привлекувањето на инвеститори ќе продолжи и понатаму. Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Ставрески на вечерашната трибина која партијата ја одржа во Кавадарци кко дел од кампањата „На Македонија и треба твојата идеја“ се осврна на големата инвестиција во Кавадарци, отворањето на германската фабрика Дрекслмаер, во која се вработија околу 6.000 луѓе.
Овде се сменети атмосферата и животот, перспективата на луѓето, но истото се случи и во многу други градови во Македонија. Привлекувањето на инвеститори ќе продолжи и понатаму, рече Ставрески, потсетувајќи и на инвестициите во другите општини и реформите со кои се подобрува економската клима во земјата.
Во своето обраќање до присутните тој се задржа и на континуираната грижа за пензионерите, зголемувањето на пензиите и нивната редовна исплата.
Ние се грижиме, исто така, и за останатите категории на граѓаните. За земјоделците во изминатиот период беа издвоени преку 700 милиони евра за субвенции, а и годинава издвојуваме значајни средства, околу 150 милиони евра, рече Ставревски.
Го спомна и инвестирањето во подобрувањето на животот на младите, преку бројни програми и вложувањето во нови училишта и спортски објекти. Го објасни и новиот проект со кој на младите им се овозможуваат субвенции за полесно да дојдат до сопствен дом преку проектот „Купи куќа за млади“.
Ставрески истакна дека како партија не отстапиле од ветувањата за подобар живот за граѓаните и без разлика дали се ближат избори или не, како што рече, секогаш сакаат да ги слушнат гласот и идеите на народот кои се вградуват во програмите на партијата. Воедно изрази и убедување дека ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе победи на изборите на 24 април.
Пред кавадарчани се обратија и градоначалникот на Кавадарци Александар Панов и пратеничката Весна Пемова, а многубројните присутни имаа можност да земат активно учество во трибината.