Приземјени сите авиони Боинг 737 МАКС 9, откако на еден му отпадна дел од трупот за време на лет

Илјадници патници се соочуваат со откажување на летовите бидејќи големите авиокомпании приземјиjа десетици авиони „боинг“ откако отпадна дел од трупот на авион среде летот над Орегон. Американскиот воздухопловен регулатор соопшти дека 171 авион „боинг 737 макс 9“ мора да бидат приземјени за проверки откако во петокот отпадна дел од трупот на авионот на „Алјаска ерлајнс“. Компанијата соопшти дека вчера на околу 23.000 патници им биле откажани летови, при што се очекува дополнително нарушување.

Авиокомпанијата „Јунајтед ерлајнс“ ги приземји сите 79 од своите авиони „мaкс 9“. Многу други авиокомпании кои исто така имаат ваков тип авиони привремено ги исфрлија од употреба.

Тоа следи по наредбата на регулаторната Федерална администрација за воздухопловство (ФАА) која нареди „итни инспекции“ на авионите „боинг 737 мaкс 9“ ширум светот. Потребните инспекции ќе траат околу четири до осум часа по авион, се вели во соопштението. „Боинг“ соопшти дека ја поздравува одлуката на ФАА, додавајќи дека нивните тимови се во контакт со регулаторот.

За време на петочниот инцидент, летот 1282 на „Алјаска ерлајнс“ од Портланд, Орегон, до Онтарио, Калифорнија, достигна 4.876 метри висина кога започна вонредно спуштање, според податоците за следење на летот. Патниците во авионот изјавија дека голем дел од надворешната обвивка на авионот паднал на земја веднаш по полетувањето.

Сликите испратени до медиумите го покажуваат ноќното небо и светлата на Портланд видливи низ празнината во трупот, а исто така се гледаат изолациски материјал и други остатоци. Еден патник рече дека јазот е „широк колку фрижидер“, додека друг рече дека кошулата на детето била скината од ветрот додека авионот извршил итно слетување.