Нова странска инвестиција во Македонија, во индустриската зона Неокази во Пробиштип денеска е поставен камен-темелникот на новата фабрика за производство на делови за монтажна, железничка и автомобилска индустрија на фирмата „Кранфилд Фаундри“.
Инвестицијата вредна 15 милиони евра ќе се простира на површина од 8.000 метри квадратни, ќе зафаќа простор од 80.000 метри квадратни, а предвидува вработување на околу 280 лица. Финализацијата се очекува напролет во 2017 година.
На поставувањето на камен-темелникот на новата фабрика присуствуваа премиерот Емил Димитриев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески, државниот секретар за животна средина и просторно планирање Соња Лепиткова, заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски, како и градоначалникот на општина Пробиштип, Тони Тоневски.
Во новата индустриска зона Неокази во Пробиштип инвестираме два милиони евра од кои 1,5 милиони за донесување електрична енергија до самата зона, а 300 илјади евра за изградба на комплетна инфраструктура, бидејќи во оваа зона планираме да донесеме и други инвеститори кои ќе градат нови фабрики, рече премиерот Димитриев.
Димитриев најави дека во Пробиштип годинава ќе се рестартира и рудникот Злетово по што рударите повторно ќе се вратат на своите работни места.
За развојот на Источниот регион голем придонес ќе има и изградбата на новите експресни регионални патишта од Штип до Пробиштип кои ќе се градат исто така оваа година, а од наредната, според програмата на Владата, е планирана изградба и реконструкција на регионалниот пат Пробиштип до штипското село Крупиште, како и изградба на патот Пробиштип-планина Пониква, нагласи Димитриев.
За вицепремиерот Пешевски, поставувањето на камен-темелникот на новата фабирка на „Кранфилд Фаундри“ е чекор напред кон остварување уште еден успешен инвестициски проект, кој директно ќе придонесе за подобрување на животниот стандард на граѓаните на Пробиштип.
Поставувањето на камен-темелникот е навистина голем чекор. Ако поставување на еден камен-темелник на гринфилд инвестиција на странска компанија може да го наречеме случајност или среќа, поставување камен темелници и отворање 50 странски инвестиции се плод на одлична и заедничка работа на Владата. Само со синергија, со заедничка работа ќе стигнеме до позитивни резултати и раст на економијата, подвлече Пешевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски рече дека многу се радува што оваа инвестиција, на која долго се работеше, почна да се реализира, да се ефектуира.
Денеска почнува изградбата на оваа леарница, 15 милиони евра е инвестицијата, ќе има 280 нови работни места директни, плус поголем број индиректни работни места и тоа за Пробиштип ќе значи многу. Многу ме радува тоа што овде, во Пробиштип, во 2006 година имаше 4.200 невработени лица, а денес има само 2.000. И тоа не е малку, треба да се работи и тоа да се намали, меѓутоа има значително намалување на невработеноста за повеќе од 50 отсто. Така што со оваа инвестиција која очекувам да проработи некаде во првата половина на следната година, можеби февруари, март или април, ќе се вработат 280 нови луѓе во првата година – две, а исто така индиректно многу луѓе ќе најдат вработување, ќе најдат егзистенција преку оваа нова инвестиција овдека во Пробиштип, напомена Груевски.
Долго работевме на ова, додаде, се оствари и ќе продолжиме да работиме, да привлечеме и други инвеститори и во Пробиштип и низ цела Македонија.
Министерот Павлески истакна дека новата фабрика за производство на делови на монтажната, железничката и на автомобилската индустрија ќе се гради според сите еколошки стандарди, согласно законската регулатива на Македонија и на ЕУ. Во неа ќе се произведуваат висококвалитетни производи кои ќе наоѓаат примена во монтажната, железничката и пред се, во автомобилската индустрија.
Изградбата на фабриката и набавката на современа модерна опрема вклучува соработка и со други реномирани западноевропски компании, добавувачи на најсовремена опрема како познатите ЕБП, данската Диса, компании кои претставуваат лидери во оваа индустрија, а исто така овде е вклучена и реномираната холандска компанија „Гемко“ која ќе учествува во дизајнот на изградбата на фабриката на „Кранфилд Фаундри“. Особено важно е дека ваквите типови фабрики се основен услов за побрз развој на автомобилскиот сектор кои ќе ни овозможат привлекување компанија производител на автомобили која ќе го заокружи целиот процес на производство, што е и наша крајна цел, рече Павлески.
Според заменик-министерот Лепиткова, новата фабрика во Пробиштип се гради согласно сите еколошки стандарди и законската регулатива во земјава и регулативата на ЕУ. Таа порача дека граѓаните треба да веруваат во институциите и во новата инвестиција која нема да дозволи влијание врз животната средина.
Извршниот директор на „Кранфилд Фаундри“, Дариус Џуба се заблагодари на поддршката на Владата и на локалната самоуправа која овозможи, како што рече, да се реализира инвестицијата од 15 милиони евра и која ќе донесе развој на пробиштипскиот регион.
Во последните четири години работевме со нашиот тим, но и со тимот на Владата за да се реализира оваа инвестиција и навистина, како што гледате, веќе и се случи, рече Џуба.
Градоначалникот на општина Пробиштип Тони Тоневски потенцира дека изградбата на новата фабрика значи вработување на 280 лица, егзистенција на нивните семејства, но и придонес младите да не се иселат од овој регион.
Фабриката на „Кранфилд Фаундри“ е првата инвестиција во новата индустриска зона во Неокази. Слободни се уште 14 хектари за кои треба да се најдат нови инвеститори.
Во интерес на граѓаните на општина Пробиштип во која е развиена базичната индустрија на нивно барање, се поставени, како што посочи градоначалникот, инструменти за мерење на квалитетот на воздухот кои 24 часа он-лајн ќе ги покажуваат резултатите.