Прочистување на судството, ревидирање на работата на секој судија и обвинител, најави Заев

Прочистување на судството и правосудстото, борба против корупцијата и против лажните вести и говорот на омраза и заштита на животната средина во рамки на таканаречена „Акција 2021 за европски стандарди“ која содржи десет приоритети, најави премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција.

Во рамки на прочистувањето на судството ќе има  ревидирање и оценување на работата на секој судија и обвинител според модел предложен од Судскиот совет и на Советот на обвинителите.

– Во финалето сме на длабоките и суштински реформи во правосудството преку ефикасно и објективно прочистување на судството и обвинителството. Стигнавме до тука после тешка битка со противниците на правдата. За некои од нив, за Мицкоски на пример, во неколку наврати јавно чувме дека се единствени на браникот на криминалот – го знаевме тоа, затоа беа против Законот за јавно обвинителство кој како владејачко мнозинство го донесовме во Собранието. Како резултат на тој закон, предметите за висока корупција се живи и тие добиваат и ќе добиваат судски разрешници. Високи функционери, министри, веќе издржуваат затворски казни за тешки кривични дела. Изминатава година од страна на Судскиот совет биле покренати 80 предмети, а осум судии биле разрешени. Процесите се почнати, нема назад – рече Заев.

Моделот за прочистување или филтрација, е во завршна фаза. На него, додаде премиерот работеа првенствено претставници на Судскиот совет, на Советот на јавни обвинители, со поддршка на академската јавност и тие ќе бидат тие што ќе го усвојат моделот што сами го креираат и што ќе го спроведуваат.

– Ќе се ревидираат цели досиеја. Секој судија ќе биде оценуван. Ќе има листа на критериуми кои ќе се прегледуваат за сите судии: Како воделе постапка, како изведувале докази, како се сослушувани сведоци и особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање. Сите тие работи ќе ги поминува Судскиот совет или Советот на јавните обвинители и сето тоа во утврдена временска рамка и транспарентност. Ќе иницираме носење законски измени врз основа на кои Јавното обвинителство ќе мора редовно и постојано да ја информира јавноста за својата работа и за напредокот во предметите кои ги следат граѓаните и за коишто постои посебен јавен интерес. Тука пред сѐ мислам на предметите од организиран криминал и корупција, како и други предмети од јавен интерес. Целиот процес ќе оди во фази и постепено, ама ќе се проверат сите. Во оваа активност е вклучена и проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите од страна на Државната комисија за спречување на корупција – рече Заев.

Паралелно на овој процес, најави премиерот,  на почетокот на наредната година, најдоцна на пролет, се очекува да започне и ЕУ мониторингот на судските случаи од висок профил, околу 50 предмети годишно, во кој ќе учествуваат стручни лица од странство и домашните експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ.

– Ние сме прва држава во регионот која од Европската Унија побара веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на судските предмети врзани за високата корупција. И тоа никако нема да зависи од стартот на преговорите со ЕУ. Испорачуваме полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата кон Европската унија со заштитен македонски идентитет и македонски јазик. Ќе продолжиме со реформите, со уште посилен интензитет – рече премиерот.

Тој додаде дека нема да дозволат неуспехот на Европската унија со неодобрувањето на преговарачката рамка да предизвика застој во внатрешните реформи.

– Нема отстапување од стремежите кон остварување на стратешките цели кои се поставени едногласно и кои секогаш уживале широка поддршка. Без разлика што Европската унија ни испрати лош сигнал за проширувањето, сите ние и како држава, и како влада, и како народ, остануваме посветени на истиот стратешки колосек. Постигнување и одржување на добрососедските односи, активно учество во Алијансата како членка во НАТО и непоколеблива посветеност на членството во ЕУ – рече Заев.