Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца. Знаете ли што значи овој обичај?

Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани голем број обичаи и верувања.

На овој ден се изведуваат богати обичаи како што се проштевањето, по што и празникот го добил името, потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници. Обичаите се стари и македонски, кои се пренесуваат од колено на колено меѓу генерациите.

Мора да се напомене, дека од верски аспект, само простувањето како обичај има христијанска основа, додека други се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања. Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити.

Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца. Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.

Амкањето е интересен обичај, кој особено на децата им причинувал голема радост. Се изведувал на тој начин што едно варено бело јајце се прободувало со игла, потоа низ него се провирал конец (некаде конопен, во други места памучен), кој се врзувал за урката, за таванот или за синџирот од огништето. Најстариот човек во куќата, најчесто домаќинката го држела конецот (урката и сл.) и сите почнувајќи од постарите амкале, обидувајќи се да го лапнат јајцето, но без притоа да се послужат со рацете. Само на помалите деца им се дозволувало да се послужат со рачињата. Велат, чинело човек барем со забите да го допре јајцето за да му бидат бели и здрави. Ако некој го лапнел јајцето, му го давале да го изеде, а амкањето продолжувало со друго.

Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето и преоблекувањето. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни.