Продадена резиденцијата на СФРЈ во Њу Јорк

Државите наследнички на поранешна Југославија вчера во Њујорк потпишале договор за заедничка продажба на резиденцијалниот стан на поранешна СФРЈ на адресата 730 Парк Авенија за 12,1 милиони долари, што е најдобрата добиена понуда, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на Србија.

Заедничката продажба на станот во Њујорк е прв ваков случај во процесот на имплементација на Анекс Б од Договорот за прашањата на сукцесија и резултатот е на голем ангажман на сите држави-наследнички во последните две години и претставува значаен успех за сите страни, се вели во соопштението.

Србија во овој процес, како држава координатор за продажбата на овој објект имала многу активна улога и од продажбата на станот добила најголем дел- 39,5 проценти од нето приходот, односно 3,487,939 американски долари. На Србија ќе и бидат исплатени и околу 3,2 милиони долари од сумата за трошоците за одржување во изминативе децении, кои Белград редовно ги исплатувал.

Резиденцијата е празна од 1992 година кога се отселил последниот постојан претставник на СФРЈ во Обединетите нации. Станува збор за пентхаус на Парк Авенија која властите на поранешна Југославија го купиле во 1975 година за само 100.000 долари. Тоа е шестособен дуплекс апартман со четири бањи, што го користеле југословенските амбасадори во ОН.

Во тек е процесот на заедничка продажба на уште четири објекти на поранешната држава- Постојаната мисија на СФРЈ при ОН во Њу Јорк, Амбасадата во Бон, Амбасадата во Берн и амбасадата/резиденција на поранешна Југославија во Токио.