Продаваме акции од АД „Славија“ не продаваме имот, вели директорот на ДАУОИ

На денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ се изнесени повеќе невистини и неточни информации поврзани со продажбата на акциите на АД „Славија“, рече директорот ја ДАУОИ, Фатон Асани

– Да, „Славија“ вредеше 20 милиони евра, ама во 2012 година, а во меѓувреме имотот на ова акционерско друштво беше тајно распродаван, на парче и денес 70 отсто од тој имот е продаден – изјави попладнево Фатон Асани, директор на Агенцијата за управување со одземен имот по денешната конференција за медиуми на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Директорот Асани неколку пати потенцираше дека се продаваат акции на АД „Славија“, а не имот како што обвинуваа од опозициската партија.

– Ние продаваме акции од АД „Славија“, не продаваме имот. Вредноста на една акција денеска е 51 евро. Се работи за лицитација и не знаеме која вредност може да достигне акцијата по лицитацијата. Имотот на „Славија“ во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ беше продаван на парче, зад затворени врати и тајно, по ниски цени, а атрактивни локации. За разлика од тогаш денешната наша постапка е транспарентна. На пример, дел од тие локации денеска се во сопственост на „Тинекс“ и други компании. Сега се продава тоа што останало со сиот наследен багаж, со наследени долгови. Го повикувам лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да се јави на лицитацијата и да го преземе акционерското друштво заедно со обврските – изјави Асани.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ обвини за скандал и брутален грабеж.