Продажбата на паметните телефони iPhone на американски „Apple“ во Кина падна за 24 отсто во првите шест седмици од оваа година во споредба со почетокот на 2023 година, според истражувачката компанија „Counterpoint“, како одраз на сѐ посилната конкуренција.
Американскиот технолошки гигант се соочува со жестока конкуренција од кинеските ривали. Така, продажбата на „Huawei“ скокнала за 64 отсто во истиот период, се наведува во извештајот. Ниту од „Apple“, ниту од „Huawei“ веднаш не одговориле на барањето на BBC за коментар на податоците.
Покрај обновениот раст на продажбата на „Huawei“ во сегментот на поскапи телефони, „Apple“ е под притисок и од агресивната ценовна политика на кинеските производители „Oppo“, „Viva“ и „Xiaomi“, напиша Менгменг Жанг од „Counterpoint Research“.
Според извештајот, им тежеше падот на кинескиот пазар во целина, за седум проценти. Кина е еден од најголемите пазари на „Apple“ во светот.
Кинескиот гигант „Huawei“ со години го мачат американските санкции, но продажбата порасна откако минатиот август ја лансираше серијата 5G телефони Mate 60, што ги изненади аналитичарите бидејќи му беше забранет пристапот до клучните чипови и технологијата потребни за 5G мобилен интернет.
Покрај „Huawei“, само „Honor“ забележа раст на продажбата меѓу првите пет брендови, според извештајот на „Counterpoint“. Според истражувањето, „Vivo“, „Xiaomi“ и „Oppo“ продале помалку мобилни телефони отколку во првите шест седмици од 2023 година.
Извештајот, исто така, покажа дека уделот на „Аpple“ на кинескиот пазар на паметни телефони паднал на 15,7 отсто, од 19 отсто минатата година, што значи дека паднал од второто на четвртото место.
„Huawei“ се искачи на второто место, со пазарен удел од 16,5 отсто, речиси двојно повеќе од пред една година. „Vivo“ ја задржа позицијата на производител со најмногу продадени мобилни телефони и покрај падот на продажбата од 15 проценти.