Продолжен рокот за конкурсите за упис на филмската академија во Охрид. Заинтересираните може да се пријавуваат до крајот на оваа недела, односно до 11-ти октомври.
Рокот за упис е продолжен со цел да се даде можност на дополнителен број на студенти да ги комплетираат документите и да аплицираат, истакна денеска заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Со цел да им се овозможи на најдобрите кандидати, без разлика на финансиската состојба, да студираат на Институтот за филм, Министерството за образование и наука ќе додели дваесет целосни стипендии за студентите кои ќе се запишат на постдипломските студии. За стипендија можат да аплицираат кандидати од Република Македонија и од странство. Стипендијата од МОН ги покрива трошоците за студирање, сместување, исхрана, а досега има апликации и од домашни и од странски кандидати.
Филмската академија во Охрид е еден од најпрестижните проекти кои што успеавме да ги реализираме со поддршка на Филмската академија од Прага. Навистина сум многу задоволен од интересот кој што постоеше во процесот на апликација кој де факто заврши во текот на вчерашниот ден. Меѓутоа со одлука на Бордот на Филмската академија во Охрид и професорите кои што доаѓаат Чешка, би сакал да информирам дека рокот е продолжен до 11 октомври, бидејќи имаше студенти кои што не стигнаа да комплетираат документи а имаа интерес да се запишат на една од двете катедри: сценарио или продукција, подвлече Ристовски.
Тој апелира до сите студенти во Македонија и во регионот кои што сакаат да се запишат односно да го продолжат своето последипломско студирање на оваа академија да ја искористат можноста да аплицираат.
Тригодишните студиски програми на Институтот за филм ќе се изведуваат на англиски јазик и истите се прилагодени специјално за оваа институција согласно стандардите, принципите и долгата традиција на ФАМУ во Прага.
Наставниот кадар на Институтот за филм – Филмска академија Охрид освен редовните, ќе го сочинуваат и визитинг професори од ФАМУ во Прага, што ќе им овозможи на идните студенти да учат директно од едни од најдобрите професори во областа.
Институтот за филм – Филмска академија Охрид годинава почна со работа од оваа академска година како резултат на повеќегодишната соработка помеѓу Владата на Република Македонија, Владата на Чешката Република и ФАМУ – престижната филмска и телевизиска школа на Академијата за сценски уметности во Прага.
ФАМУ е петтата најстара филмска школа во светот, која позади себе брои влијателни режисери и сценаристи, добитници на Оскар и лауреати на меѓународни филмски фестивали, како македонскиот професор, режисер, продуцент и сценарист Иво Трајков, режисерите и писатели Јиржи Менцел, Милан Кундера, Милош Форман, Емир Кустурица, Лордан Зафрановиќ и Вацлав Хавел.
Уписите се вршат со пополнување на електронска пријава преку веб страната www.filmacademyohrid.com. По завршувањето на рокот за електронско пријавување, врз основа на обработка на пристигнатите апликации и интервјуа со кандидатите, стручен тим на оваа високо образовна установа ќе изврши и соодветна селекција на идните студенти.
За да се квалификуваат за стипендирање, кандидатите најпрво треба да го поминат селекциониот процес за упис на Институтот, а потоа кандидатите чијашто пријава ќе биде прифатена од Институтот, целокупната потребна документација наведена во конкурсот за стипендирање, како и формуларот за аплицирање, кои се објавени на специјализираниот портал за доделување стипендии – www.stipendii.mon.gov.mk, ги поднесуваат во просториите на министерството.
Академската година за избраните и стипендирани постдипломци ќе започне во месец ноември.
Сите подетални информации за Институтот за филм – Филмска академија Охрид, студиските програми, наставниот кадар и условите за студирање и стипендирање, можат да се обезбедат на веб страницата www.filmacademyohrid.com.