Министерството за економија донесе одлука за една недела да го продолжи рокот за аплицирање за јавните повици за грантови за туристичките агенции, игротеките, рестораните за свадби, ноќните клубови, туристичките водичи како и за поврат на туристичка такса, кои се дел од Четвртиот сет мерки на Владата за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор, информира министерот за економија Крешник Бектеши во дебатната емисија „И што сега“ на МТВ.
– Бидејќи во текот на минатата недела откако беа објавени јавните повици за мерките за грантови утврдивме дека доцнат уверенија од Управата за јавни приходи, денеска донесовме одлука рокот за аплицирање да го продолжиме за една недела за да може да аплицираат сите кои што ги исполнуваат условите. Целта на овие мерки е да бидат искористени од оние за кои се наменети. Затоа испланиравме толку средства, знаеме колку лиценци има за рестрани за свадба, колку пари се исплатени за туристичка такса и колку трустички водичи има, врз тие податоци ние ги програмиравме средствата за овие мерки и има доволно пари за сите – рече Бектеши.
На почетокот на минатата недела Министерството за економија објави пет јавни повици за враќање на уплатената такса за привремен престој за 2019 година на сите категоризирани угостителски објекти, грантови за туристички агенции, грантови за категоризирани ресторани за свадби, грантови за игротеки, грантови за лиценцирани туристички водичи за што се предвидени средства во износ од 7,5 милиони евра, а аплицирањето е електронски преку платформата „Дома си е дома“.