Продолжува растот на Волстрит осма седмица со ред

На њујоршки Волстрит берзанските индекси дополнително пораснаа во вторникот, продолжувајќи го својот позитивен тренд осма седмица со ред, бидејќи инвеститорите очекуваат американската економија да избегне рецесија, а тамошната централна банка наскоро да започне со намалување на каматните стапки.

Индексот Dow Jones порасна за 0,68 отсто, на рекордни 37.557 поени, додека S&P 500 порасна за 0,59 отсто, на 4.768 поени, а индексот Nasdaq порасна за 0,66 отсто, на 15.003 поени. Dow Jones, така, вчера достигна ново рекордно високо ниво, додека S&P 500 се приближи до највисокото ниво на сите времиња на само околу еден процент.

Ова покажува дека на најголемата светска берза сè уште има добро расположение, бидејќи инвеститорите сметаат дека по повеќе од година и половина циклусот на затегнување на монетарната политика е завршен и дека следната година ќе следи намалување на каматните стапки, имајќи предвид дека инфлаторните притисоците постепено се намалуваат.

До неодамна главна тема на пазарот беше кога Fed ќе го заврши циклусот на зголемување на каматните стапки, а сега најмногу се шпекулира кога и за колку централната банка на САД ќе ги намали каматните стапки следната година. Претставниците на Fed изминатите денови изјавуваа дека сè уште не го разгледуваат ова прашање, но пазарот проценува дека има повеќе од 60 отсто шанси централната банка да започне со намалување на каматните стапки веќе во март.

И додека челниците на Fed проценуваат дека следната година трипати ќе ги намалат каматните стапки, најверојатно за по 0,25 процентни поени, на пазарот се шпекулира дека следната година е можно да се намалат каматните стапки дури шест пати.

„Пазарот е во моментум, бидејќи нема што да го турка надолу во моментов“, вели Рос Мејфилд, стратег во „Baird“, и додавва дека пазарот веројатно е пооптимист за намалување на каматните стапки отколку самиот Fed, па челниците на централните банки се обидуваат да ја ублажат еуфоријата кај инвеститорите.

Но, засега тоа не им успева. Дотолку повеќе што се чини дека американската економија ќе ја избегне рецесијата, и покрај наглото зголемување на каматните стапки, така што и тоа ја поддржува еуфоријата на инвеститорите.

Благодарение на овие тези, на Волстрит, нагорниот тренд на берзанските индекси влезе во осмата седмица, при што индексите S&P 500 и Nasdaq ги достигнаа највисоките нивоа во годината, а Dow Jones највисокото ниво во историјата.

Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,31 отсто, на 7.638 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,56 отсто, на 16.744 поени, а париски CAC 0,08 отсто, на 7.574 поени.