Продолжуваат борбите во Газа, сè повеќе лица го напуштаат југот

Уапсени Палестинци се донесени на распит во Израел. За нив војската тврди дека се осомничени за терористички активности. Во појасот, борбите продолжуваат, а сè повеќе луѓе го напуштаат југот.

„Добивме леток од израелската армија да се евакуираме. Мене и на син ми ни дозволија да излеземе, а потоа го одведоа, го уапсија. Зошто?“, прашува Ихаб Хануна, раселен жител.

Во исто време, расте списокот на држави кои го прекинуваат финансирањето на агенцијата на ОН во Газа поради вмешаност на дел од персоналот во терористичките напади од 7-ми октомври. Првиот човек на организацијата Гутереш соопшти дека се преземени сите мерки и повика земјите да не ги извисат надежите на невините луѓе во газа.

„Истрагата на канцеларијата за внатрешни надзорни служби на ОН беше веднаш активирана. Секој вработен во ОН вклучен во акти на терор ќе биде повикан на одговорност, вклучително и преку кривично гонење“, се вели во соопштението на генералниот секретар на ОН.

Во меѓувреме, немирна ноќ на улиците во Тел Авив. На антивладините протести приведени се демонстранти по судирите со полицијата. Пред резиденцијата на премиерот, и семејствата на заложниците. Ги критикуваа напорите на владата да се вратат дома. Бараат нови избори и смена на Нетанјаху.

„Уништувањето на Хамас е глупав слоган, тоа не е план. Одмаздата, бесот и омразата се разумни емоции во ситуацијата во која се најдовме, но не можат да бидат план за земја која сака живот. Затоа ни треба ново раководство“, вели Нога Фридман, сопруга на Ајдан Розентал, убиен во нападот на 7-ми октомври.

Нетанјаху одговори на широките демонстрации против неговата влада, велејќи дека протестите се само ветер во грб на терористите.

„Протестите не помагаат. Само ги зајакнуваат и зголемуваат барањата на Хамас, оддалечувајќи не од целта што сите ја сакаме – враќањето на сите заложници“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Додаде дека Израел нема да се откаже од исполнувањето на целите на војната, удвојувајќи ги критиките за Меѓународниот суд на правдата и посредничката улога на Катар.