Во Кривичниот суд во вторникот треба да се одржи ново рочиште за предметот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), „Труст“, во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.
Предметот, како што објави СЈО, е оформен врз основа на три прислушувани разговори, од кои два необјавени во јавноста од 3.8.2011 и 6.10.2011 година, кои треба да бидат репродуцирани во судницата. Обвинетите со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра, тврди СЈО.
Судот треба да сослуша и двајца вештаци предложени од Специјалното јавно обвинителство. Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.
Ва предметот „Труст“, покрај бизнисменот и сопственик на телевизијата „Нова“, Сеад Кочан, обвинети се и Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ. Предметот е во фаза на доказна постапка.
Вториот сведок предложен од СЈО, Васил Ристовски, на претходното рочиште рече дека тој го овластил Василије Авировиќ да ја поднесе спорната документација за тендерот во ЕЛЕМ. На прашањето на обвинителот Артан Ајро од каде вработен во „Магрони“, фирма за дистрибуција на вода, да пополнува тендер за ископ на јаглен и јаловина за РЕК Битола, сведокот тврдеше дека Авировиќ често одел за Кратово и во „Силекс неметали СТ“ ДООЕЛ Кратово и тој знаел да пополнува тендерска документација.
Ристовски тврдеше дека старите дампери на „Силекс неметали СТ“, машини кои се користат за ископ, завршиле како старо железо. Според сведокот, во фирмата откриле дека има паралелна фактура за истите машини.