Проекција на документарниот филм за Дарко Панчев

Документарниот филм за македонската фудбалска легенда Дарко Панчев ќе биде прикажан вечерва од 20 часот во хотелот „Александар Палас“.

„Патот на Кобра до ѕвездите“ е под генерално покровителство на Универзитетот Скопје, филмот е соорганизација и копродукција на телевизија „Спорт клуб“, „Спортско радио 90,3“ и „Спорт нетворк“ продукција.

„Филмот е производ на нешто што си направил. Без тоа, не може да се направи филм. Во која било дејност вие може да бидете и да имате среќа да направите огромно богатство. Но, ако немате од аспект на тоа што да се покаже во филмот, не може да го направите филмот. Така да, гледајќи од таа гледна точка, секако дека е на некој начин круна на кариерата“, одговори Панчев на прашање дали тоа претставува круна на неговата кариера, на прес–конференција во саботата.

Радован Максимовиќ, директор на „Спорт нетворк“ и регионален претставник на „Спорт клуб“, појасни дека планирано е целиот серијал да биде готов до средината на јули и да почне емитувањето од есен.

„Значи, во септември да почне емитувањето, кога сите ќе се вратат од годишни одмори. Ќе се емитува само серијалот, филмот го направивме исклучиво за промоција во Скопје“, нагласи Максимовиќ.