
Пробиени се 35 проценти од трасата за изградба на автопатот Кичево-Охрид. Се работи на мостови, влез и излез на тунел кај Пресека. Вкупниот прогрес на градежните работи е пет отсто, рече министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
Според Мисајловски, проектите од патната инфраструктура се одвиваат согласно предвидената динамика.
За изградба на автопатот Кичево-Гостивар информира дека е усвоена физибилити студија. Се формулира тендерска процедура и потоа ќе се распише оглас за концесија, наведе Мисајловски.
Ги претстави и активностите за реализација на проектот за изградба на патот Кичево-Дебар во должина од 18 километри. Инвестицијата е 23 милиони евра, а средствата ќе се обезбедат од меѓународни финансиски институции.
– Се работи на проектна документација која треба да биде готова во август. По добивање заем ќе почнеме со градба во мај или јуни следната година. Не сме надвор од рокот и се работи согласно програмата. Времетраењето за овие активности е 24 месеци, рече Мисајловски.
Најави старт на изградбата на експресниот пат Охрид-Пештани во должина од 14,5 километри, на почетокот на следната година. Вредноста на инвестицијата е 52 милиони евра. Проектната докуметнација е завршена, освен делот за заштита на животна средина кој треба да биде готова до 30 август.
– Ќе следат имотно-правните односи и добивање сите потребни дозволи и издавање градежна дозвола. Интензивно работиме на овој проект со цел да се спречат сите грижи околу еколошките аспекти. Договорена е и еколошка студија и да се распише постапка за пат со четири ленти, значаен за развој на туризмот во овој регион, наведе Мисајловски.