Професор Лазаров: Изјавите дека во буџетот ќе недостигаат 2 милијарди евра се неодговорни

Во морето од економските последици произлезени од светската криза со коронавирусот, а со кои ќе се соочат и македонските граѓани, важно прашање е колку успешно владата ќе успее да го изменаџира буџетот.

Универзитетскиот професор д-р Дарко Лазаров, во интервју за „Нетпрес“, објаснува дека неповолен моментот е тоа што Владата во првите два месеци од годината искористила дури 25% од вкупниот планиран буџетски дефицит за 2020 година, со што на некој начин е ограничен фискалниот простор кој можеше во оваа ситуација да се пренасочи во справување со кризата, особено во амортизирање на првичните ефекти во овој период.

За антикризните владини мерки, професорот смета дека во најголем дел се недоречени, задоцнети и недоволни.

„Додека Владата тврди дека ќе бидат поддржани 250.000 вработени и повеќе од 35.000 компании, во реалноста сме сведоци дека многу мал број на фирми аплицираат за мерките и дека веќе се започнати масовни отпуштања од страна на компаниите кои се соочуваат со проблеми на неликвидност“, вели Лазаров. 

Македонија е во вонредна состојба поради корона вирусот, a граѓаните освен за здравјето се исплашени и за големата економската криза која веќе се чувствува. Дали во вакви околности реално е да се очекува девизниот курс на денарот да остане стабилен?

Во јавноста циркулираат некои шпекулации поврзани со стабилноста на девизниот курс и вредноста на денарот. Таквите шпекулации се целосно неосновани и имаат само за цел да и наштетат на македонската економија. Реалноста е дека Народна Банка има девизни резерви во износ поголем од 3 милијарди евра и тие резерви во последниот месец се намалени за незначителни 2%. Дополнително, трговскиот дефицит во првите три месеци од годината не е драстично зголемен што значи дека во овој момент нема некои поголеми шокови на тековната сметка кои можат сериозно да го нарушат платниот биланс на земјата. Сето ова укажува дека Народна Банка со механизмот на девизните резерви може да гарантира стабилност на девизниот курс, што значи граѓаните и компаниите треба да бидат спокојни дека денарот ќе остане стабилен.

Оваа криза ќе има и продолжени ефекти

Колкав пад на економијата може да предизвика оваа криза и кога би се очекувал најголемиот удар?

Тешко е да се направи точна проценка на економските ефекти од кризата поради фактот што никој не може да предвиди со сигурност колку ќе трае пандемијата и каква ќе биде силината на глобалната рецесија, особено рецесијата во земјите кои се наши најголеми трговски и економски партнери. Сепак, она што е сигурно е дека кризата ќе има голем удар врз нашата економија во смисла на пад на БДП, зголемување на невработеноста, намалување на платите и животниот стандард на граѓаните, при што, тој удар се очекува да биде најголем во вториот и третиот квартал од годината.

Она што исто така е многу важно е прашањето колку време ќе ни биде потребно за нормализирање на економијата имајќи го во предвид фактот дека оваа криза ќе има и свои продолжени ефекти, како на страната на понудата, така и на страната на побарувачката. Кризата сигурно ќе има влијание врз идната домашна побарувачка поради тоа што ќе се намали куповната моќ на граѓаните и дел од потрошувачите ќе бидат сѐ уште претпазливи во носење на одлуки за купување на некои трајни добра. Од друга страна, ефектите од страната на понудата ќе се рефлектираат преку забавување на извозот поради намалување на светската побарувачка, како и поради одредени прекини во глобалните ланци на снабдување. Исто така, многу веројатно е да забави приливот на СДИ и инвестициите на домашните компании што де факто ќе го ограничи идниот производен потенцијал на земјата.

Поради намалената економска активност, ако вонредната состојба потрае уште најмалку еден месец, може ли да се достигне проектираниот БДП за 2020?

Проекциите за растот на БДП за 2020 година од 3.5% не само што со сигурност нема да се остварат, туку прашањето е колку ќе биде силна рецесијата која веќе е на повидок. Постојат различни прогнози за падот на реалниот БДП за 2020 година. Според Светска Банка падот на реалниот БДП за 2020 година би бил помеѓу 1-2%, додека прогнозите на ММФ се дека 2020 година ќе ја завршиме со негативна стапка на раст од 4%. Се разбира тоа ќе зависи од повеќе фактори меѓу кои е времето потребно за справување со пандемијата, брзината со која светската и европската економија ќе се вратат во нормала, како и од мерките што ќе бидат преземени од страна на Владата во амортизирање на негативните ефекти од кризата.

Се изнесуваат информации дека буџетската дупка изнесува околу 2 милијарди евра. Тоа ќе се одрази и на пензиите, бидејќи од буџетот, секоја година се одлеваат стотици милиони евра да се покрие дупката во ПИОМ (над 470 милиони евра биле префрлени од буџетот во пензискиот фонд во 2019 година)?

Изјавите дека во буџетот ќе недостигаат 2 милијарди евра се несериозни и неодговорни со оглед дека никој во овој момент не може со сигурност да има таков податок. Точниот износ на средства што ќе недостигаат во буџетот за 2020 година ќе се знае за неколку месеци кога ќе се направи ребаланс на буџетот. Мислам дека таквите изјави беа дадена повеќе во насока да се пренагласи сериозноста на ситуацијата преку презентирање на некои крајно песимистички сценарија со цел да се оправда нескреќниот предлог за намалување на платите во јавниот сектор на 14.500 денари.

Факт е дека буџетот има проблеми на приходната страна поради намалување на економската активност во март и тоа ќе биде така се додека економијата не се врати во нормала, но тој износ ќе биде многу помал од тие износи кои беа изнесени во јавноста. Она што е неповолно и треба да се нагласи кога станува збор за менаџирањето со буџетот е тоа што Владата во првите два месеци од годината искористила дури 25% од вкупниот планиран буџетски дефицит за 2020 година со што на некој начин е ограничен фискалниот простор кој можеше во оваа ситуација да се пренасочи во справување со кризата, особено во амортизирање на првичните ефекти во овој период.

Кога станува збор за покривање на средствата во буџетот за нормално сервисирање на обврските на државата, мислам дека Владата требаше да покаже поголема решителност и умешност во искористување на сите поволни можности кои ни стојат на располагање со цел навремено обезбедување на потребните финансиски средства за премостување на кризата. Една од тие можности што Владата ан блок ја отфрли е привремено да се пренасочат средствата од приватните пензиски фондови кон државниот пензиски фонд во периодот додека трае кризата со цел да се обезбедат дополнителни средства за редовна и навремена исплата на пензиите, а истовремено со тоа ќе се намалеше притисокот врз буџетот кој покрива дел од дупката во ПИОМ која вие ја споменувате. На тој начин, ќе се ослободеше фискален простор кој можеше адекватно да се пренасочи кон креирање на мерки за спас на економијата.

Една од владини аникризни мерки e и одлуката сите сите избрани и именувани функционери, да земаат минимална плата од 14.500 денари за април и за мај. Поради неизвесноста за тоа кога би почнало закрепнувањето на економијата, бидејќи станува збор и за глобална криза, ќе има ли Македонија сепак проблем следните месеци со исплатата на плати на администрацијата?

Кондицијата и ликвидноста на буџетот во голема мера ќе зависи од способноста на Владата успешно да менаџира со јавните финансии во периодот додека трае кризата. Овде мислам на тоа колку Владата ќе скрати од непродуктивните и неприоритетните трошења и колку Министерството за финансии ќе успее да ги искористи сите можности за позајмување од домашни и меѓународни извори. Една од мерките за рационализирање на буџетските расходи беше одлуката примањата на сите избрани и именувани функционери да се намалат на минимална плата од 14.500 денари за април и за мај, но она што не го гледаме е доволна желба и спремност кај државните институции, владини агенции и локалните самоуправи да се откажат од дел од своите непродуктивни трошења.

Токму овде се гледа способноста на Владата да направи детален план за кратења на сите непродуктивни и неприоритетни трошења со цел да обезбеди доволно средства за поддршка на приватниот сектор, поддршка на загрозените граѓани од кризата и доволно средства за исплата на платите во јавниот сектор без нивно намалување бидејќи тоа ќе предизвика намалување на домашната потрошувачка што секако ќе има дополнителни негативни ефекти врз економијата.

Дали моменталниот сет антикризни мерки навистина може да му помогна на стопанството да ги надмине последиците од ударот? Неодамна угостителите, на пример, јасно укажаа дека помошта за нив нема да има никаков ефект, а во овој сектор веќе повеќе од десет илјади лица останаа без работа.

Мерките што Владата ги донесе до сега, со цел поддршка на приватниот сектор и заштита на работните места во најголем дел се недоречени, задоцнети и недоволни. Различните начини на нивно толкување, забелешките за нивната нефлексибилност и јавните критики од бизнис секторот дека истите се недоволни и нема да им помогнат во надминување на кризата, само го потврдува заклучокот погоре.

Додека Владата тврди дека ќе бидат поддржани 250.000 вработени и повеќе од 35.000 компании, во реалноста сме сведоци дека многу мал број на фирми аплицираат за мерките и дека веќе се започнати масовни отпуштања од страна на компаниите кои се соочуваат со проблеми на неликвидност.

Деновиве сме сведоци како Владата повторно под притисок на засегнатите страни и јавноста менува дел од уредбите и најавува можност за реформулирање на дел од мерките што е само доказ дека првичните мерки не биле добро таргетирани и дефинирани. Генералниот впечаток е дека сето ова Владата го прави откако ќе се зголеми притисокот врз неа, а не како резултат на самостојна иницијатива искрено да се подаде рака и да се помогне на приватниот сектор во премостување на кризата.