Прогласена меѓународна вонредна состојба заради ситуацијата со еболата

Светската здравствена организација прогласи меѓународна вонредна состојба поради загрозеност на јавното здравје од епидемијата со ебола во Западна Африка. Таа ја повика меѓународната заедница да вложи вонредни напори за да се спречи ширењето на опасната болест.

Епидемијата од ебола, како најобемна и најдолготрајна до сега, доволно е загрижувачка за да се прогласи меѓународна вонредна состојба. СЗО слична криза прогласи во мај поради детската парализа како и во 2009 поради пандемија на свински грип, пренесува АП.

Директорката на СЗО, Маргарет Чен соопшти денеска дека одлуката на таа организација е „јасен повик“ на меѓународна солидарност, но призна дека многу земји веројатно ќе немаат случаи на заболени од ебола.

„Земјите кои до сега се погодени, едноставно немаат капацитет сами да се борат со волку обемна и комплексна епидемија, “ укажа таа на кнференцијата за новинарите во Женева.

СЗО имаше повикано експертски одбор за да ја процени сериозноста со епидемијата.Епидемијата започна во Гвинеја, во март месец и од тогаш се прошири во Сиера Леоне и Либерија. За оваа болест нема лек ниту вакцина, а стапката на смртност меѓу заболените изнесува 50 отсто.

Според најновите податоци на СЗО, во западна Африка од почетокот на годината од ебола починале 932 лица, а потврдено е дека 1711 се инфицирани.