Програмерските плати повторно на врвот. Просечните примања на информатичарите во земјава изнесуваат 93.852 денари, објави Државниот завод за статистика, а највисоката просечна бруто плата исплатена во овој сектор изнесувала над 2300 евра (142410 денари)
После програмерите, следуваат вработените во Воздухопловен транспорт со просечна нето плата од над 1100 евра и Телекомуникации со 65.134 денари.
Нешто под илјада евра нето плата добиваат работниците во фармацевтската индустрија и вработените во стручните, научни и технички дејности.
ДЗС соопшти дека просечната бруто плата во земјава за февруари изнесува 58.967 денари, додека пак нето платата за истиот месец е 39.276 денари.
Од друга страна пак, вработените во заштитните и истражните дејности земаат најниски просечни плати кои изнесуваат 22.702 денари.
Гледано по сектори, најниска просечна плата е во објекти за сместување и сервисни дејности со храна, со 27.617 денари. А, под општиот месечен просек се платите во снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината – 30.953 денари, па во земјоделство, шумарство и рибарство – 31.362 денари, каде што најнизок, од 24.815 денари е во рибарство и аквакултура.- Државен завод за статистика
Трошоците за живот и натаму растат. Минималната синдикална кошница за првпат ја надмина и психолошката граница од 60 илјади денари со скок од 1.200 денари во однос на март.