Производите под санкции и натаму пристигнуваат во Русија

Извозот на Европската унија во Русија е намален за две третини од почетокот на војната во Украина, но производите под санкции го пронаоѓаат патот до рускиот пазар преку други земји, се наведува во анализата на германскиот економски институт ifo.

Обемот на извозот на ЕУ во Русија е сè уште голем, меѓу другото, бидејќи само 32 отсто од производите се опфатени со санкции, објаснува Феодора Тети, заменичка на директорот на центарот за меѓународна економија на ifo.

„Кога станува збор за луксузни стоки, се санкционира извозот на шампањ во Русија, но не и на просекото“, вели Тети.

На тоа треба да се додаде и можноста за извоз преку трети земји, забележува ifo, повикувајќи се на анализата на базата на податоци.

Кина се нашла на првото место, според пресметките на ifo, на листата на добавувачи на производи под санкции, со удел во увозот од 61 отсто. Во 2021 година, тоа било само 35 проценти. Уделот на Турција се зголемил на 13 отсто, од само 3и отсто во 2021 година, открива германскиот институт, но без да даде детален опис на стоките коишто ги зголемиле извозот на двете земји на рускиот пазар.

„Русија во моментов набавува санкционирани производи и од Ерменија, иако скромеи еден процент. Во истиот период, сепак, извозот на ЕУ во Ерменија се удвои“, тврдат од ifo.

„Порастот на кинескиот извоз во Русија може барем делумно да се објасни со поголемото домашно производств… Додека неочекуваниот и остар скок на турскиот и ерменскиот извоз во Русија води до заклучок дека санкциите се заобиколуваат“, додава Тети повторно без презентирање на конкретните податоци.