Приходите на водечките производители на оружје благо се намалиле во 2022 година, бидејќи нивните капацитети не можеа да одат во чекор со побарувачката, објави во понеделникот шведскиот институт SIPRI.
Приходите на 100-те водечки производители минатата година се намалени за 3,2 отсто, на 597 милијарди долари, пресметани од Стокхолмскиот институт за меѓународни мировни истражувања (SIPRI).
Руската инвазија во Украина и геополитичките тензии ширум светот создадоа голема побарувачка, но многу европски и американски производители не биле во можност значително да го зголемат производствениот капацитет поради недостигот од работна сила, зголемените трошоци и прекините во снабдувањето, објаснува институтот.
„Згора на тоа, земјите новите нарачки ги доставуваа кон крајот на годината, така што порастот на побарувачката поради временскиот јаз меѓу нарачките и производството не се одрази на приходите на компаниите во 2022 година“, додаваат тие.
Понискиот приход во 2022 година го припишуваат, пред сѐ, на послабите резултати на американските и руските компании.
Приходите на американските производители на оружје се намалиле минатата година за 7,9 отсто, на 302 милијарди долари, главно поради проблеми со набавките и недостигот на работна сила, открија тие.
Податоците за руските компании се „екстремно“ ограничени и само две се вклучени во извештајот, со пад на приходите од 12 отсто на 20,8 милијарди долари, според шведскиот институт.
Европските производители ги зголемиле приходите за само 0,9 отсто, а главен извори биле „Airbus“ и KNDS.
Најсилен раст забележале компаниите од Блискиот исток, за 11 отсто, на 17,9 милијарди долари, пресметале во SIPRI. Турските производители се истакнале со највисока стапка на раст од 22 отсто, а израелските производители со најголема сума од 12,4 милијарди долари.
„Компаниите од Блискиот исток специјализирани за технолошки помалку софистицирани производи успеаја да го зголемат производството за пократок временски период и да одговорат на силниот раст на побарувачката“, објаснува истражувачот на SIPRI, Диего Лопес да Силва, издвојувајќи го турското борбено беспилотно летало на производителот „Bayraktar“.
„Многу производители на оружје имаа проблеми да се прилагодат на војување со висок интензитет“, додава Луси Беро-Судро, директорка на одделот за истражување на оружје на SIPRI.
Американските компании го задржале првото место со половина од учеството во вкупниот приход, а на второ место е група кинески компании со учество од 18 отсто.