Сателитскиот пилот на КТМ во Мото ГП, Мигел Оливеира објасни дека промената во насоката на ветерот е причината за силниот пад што наметна појава на црвени знамиња на четвртата тренинг сесија на патеката „Филип ајленд“.
Налетот на ветрот го нарушил балансот на моторот и пилотот при првиот свиок, при брзина од околу 300 км на час. Португалецот по инцидентот беше однесен во медицинскиот центар и активностите на пистата беа сопрени за остатокот од денот, поради лошите услови.
– Од утро до попладне, ветрот целосно ја смени насоката и беше многу тешко да се предвиди што ќе дојде. Ветерот ме истурка од пистата. Немам што повеќе да додадам, објасни Оливеира.
Медицинскиот центар ја отфрли можноста за фрактура на Оливеира, но тој сепак мора да помине медицински тест пред да се појави на пистата во недела.