Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) вчеравечер ги промовираше новите 275 инженери и 113 магистри.
На промоцијата, која се одржа во Македонскиот Народен Театар, деканот на ФЕИТ, професор д-р Миле Станковски, им порача на дипломираните и магистрите:
– Ова е само крај на еден дел од Вашиот живот и Ве става пред почетокот на нова стартна линија. Што и да правите понатаму, никогаш не запирајте со учењето, истражувањето, растењето и не напуштајте го предизвикот да бидете најдобри. Се надевам дека по вашето дипломирање, одвреме-навреме, ќе доаѓате на вашиот АЛМА МАТЕР и ќе зборувате со нас, активно ќе го користите ФЕИТ како место за алумни активности, како арена за доживотно учење и здрава основа во вашите животи, рече Станковски.
Од дипломираните годинава, 21 беа промовирани како најдобри студенти во генерацијата со просек над 9 (девет). На манифестацијата беа поделени и наградите „Инженерски прстен“, „Атанаско Кантарџиев“, „Стамболиев“, од институциите Македонски национален комитет при Меѓународната конференција за големи електрични системи (МАКОСИГРЕ) и Здружението за електроника, телекомуникации, автоматика и информатика на Македонија – ЕТАИ.
Во име на студентите, на манифестацијата, говореше Ванеса Василевска.
– Денес е денот кој го рефлектира успехот од завршување на четиригодишното студирање. Дефинира етапа во која храбро се соочивме со уште едно предизвикувачко искуство во нашите животи и момент кога се здобивме со признание за нашата улога на утрешни идни лидери, им порача Василевска на своите колеги.
На промоцијата на дипломираните студенти и магистри на ФЕИТ присуствуваше ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски, проректорите на УКИМ, продеканотна Електротехничкиот факултет од Ниш, професор д-р Драган Денич, неколку декани на образовни институции во Македонија и претставници на компании кои соработуваат со Факултетот.
Во досегашното 56-годишно постоење, Факултетот образувал речиси 10.000 електроинженери, создал повеќе од 850 магистри и над 120 доктори на науки.