Вечерва во Кочани во ЈОУБ „Искра“ беше промовирано делото, „Зборува Радио Кочани…“, од долгогодишниот дописник на МРТВ, сега пензионер, и публицист Киро Герасимов.
„Зборува Радио Кочани“ е хронолошки е приказ за првиот медиум во градот и третата радио станица во Македонија, по Радио Скопје и Радио Битола. Ова вредно дело е богато со информации и фотографии од настанокот на радиото и сеќавања на многумина кои со години биле дел од Радио Кочани. Герасимов преку лични сеќавања се навраќа на неговите почетоци во новинарството, најпрвин како новинар во Радио Кочани, а потоа и како телевизиски новинар.
– Во книгата е содржан педесетгодишниот растеж на Радио Кочани, почнувајки од донесувањето на првиот радио-предавател, па до формирањето на Радио Кочани и емитувањето на првиот сигнал на радиото на 29 ноември, 1955 година. Радио Кочани е третта радио станица во Македонија, веднаш по Радио Скопје и Радио Битола. Овде сакам да истакнам уште еден куриозитет за радиото, во деведесетите години на минатиот век, Радио Кочани стана првото радио кое направи сопствена телевизија. Токму тие параметри ме натераа материјалот кој го собирам четириесетина години да го преточам во книга која ќе им служи на идните генерации. Книгата е наменета за сите слушатели на Радио Кочани, истакна авторот Герасимов.
Промотори на книгата беа м-р Љубинка Ајтовска и м-р Љупка Стојменова кои дадоа краток осврт на публикуваното дело на авторот Герасимов.
Книгата “Зборува Радио Кочани…” е во издаваштво на печатницата „Европа 92“, со финансиска поддршка на Општина Кочани.