Во пресрет на 8 март, Меѓународниот ден на жената, денеска во Министерството за одбрана беше промовирано новото анимирано видео посветено на привлекувањето жени во редовите на Армијата на Република Северна Македонија.
Видеото е изработено заедно со Канцеларијата на UNWomen во Скопје, а има за цел да покаже дека жените и мажите во армијата се еднакви и оти приоритет за Министерството за одбрана е воспоставување целосна родова рамноправност и родова перспектива во армиските редови.
На денешната средба, како што соопштија од МО, координаторката на работната група за родова еднаквост во Министерството, Катерина Ставреска и раководителката на Канцеларијата на UNWomen во Скопје, Весна Ивановиќ Кастаред заклучиле дека меѓусебната соработка е на исклучително високо ниво и дека од оваа соработка произлегле важни документи што го воспоставуваат системот за целосна родова еднаквост во Армијата, како новото Упатство за организирање и водење на родова обука, Правилникот и Водичот за заштита од вознемирување, како и ново-промовираното видео.
Ставреска посочила дека Министерството интензивно и посветено работи на полето на родовата еднаквост, а пример за тоа, освен споменатите документи е и сертифицирањето и поставувањето на 36 родови советници во Министерството и во сите единици на Армијата, чија задача е да го советуваат раководството, но и вработените за прашања поврзани со родовата еднаквост.