Данската агенција за енергетика ја покани швајцарската компанија Nord Stream 2 AG да учествува во операцијата за извлекување на непознат предмет пронајден покрај оштетениот гасовод Северен поток 2 во Балтичкото Море.
Данските власти соопштија дека објектот не претставувал непосредна безбедносна закана, но одлучиле да го извлечат со помош на националната војска.
Агенцијата чека одговор од Nord Stream 2 AG, кој раководи со еден од двата руски гасоводи оштетени во експлозиите во септември минатата година, на барањето да помогне во идентификацијата на објектот. Блумберг објави дека тоа би можело да биде димна пловка, уред за испраќање сигнали во случај на опасност.
Во меѓувреме, данските власти објавија слика од предметот. Станува збор за цилиндричен предмет висок околу 40 сантиметри. Како што може да се заклучи, се наоѓа веднаш до самата цевка.