Пронајден мртов Ли Сун-кјун, актерот од филмот „Паразит“ награден со Оскар

Ли Сун-кјун, 48-годишниот актер во филмот награден со Оскар „Паразит“, беше пронајден мртов во автомобил во Сеул во средата по очигледно самоубиство, соопштија властите во главниот град на Јужна Кореја.

Ли трипати се соочуваше со полициско испитување поради наводите за нелегална употреба на дроги во време на владините мерки за сузбување на консумирањето наркотици, при што едното од испитувањата траеше дури 19 часа во текот на еден викенд.

Властите го пронашле Ли во текот на потрагата започната откако тој бил пријавен за исчезнат, изјавил за Reuters претставник од пожарникрите кој сакал да остане анонимен.

Претходно, повикувајќи се на полицијата, новинската јужнокорејскта новинска агенција Yonhap објави дека Ли бил пронајден во автомобил во парк, откако неговиот менаџер ѝ рекол на полицијата дека актерот излегол од дома, очигледно оставајќи проштална порака.

Прекршувањето на строгите закони за користење дроги во Јужна Кореја може да значи до шест месеци затвор или до 14 години за повторливи престапници и дилери.

Црнокомедијскиот трилер на режисерот Бонг Џун-хо „Паразит“ ги освои Оскарите за 2020 година во четири категории: најдобар филм, најдобра режија, најдобро оригинално сценарио и најдобар меѓународен игран филм, од шест номинации за најпрестижните филмски награди.

Во филмот, Ли го играше г-дин Парк, во чијшто богат дом се инфилтрираат членови на семејството од пониска класа кои се претставуваат како висококвалификувани домашни работници во замрсена шема којашто води до крвав крај.

Ли, роден во 1975 година, глумеше во јужнокорејски филмови како што се трилерот „Helpless“ (Беспомошни) од 2012 година и „All About My Wife“ (Сѐ за мојата жена) од 2014 година.Сопругата на Ли е наградуваната актерка Џеон Хје-Џин, а двојката имаше две деца.