Потрагата на дното крај островот Бали ги пронајде остатоците од подморницата којашто претходно седмицава исчезна во Балиското Море, со 53-члениот екипаж од кој ниеден не ја преживеал несреќата, изјавија на прес-конференција маршалот на авијацијата Хади Чаханто и началникот на генералштабот на индонезиската морнарица, адмиралот Јудо Маргоно.
„Со овој конечен доказ можеме да потврдиме дека подорницата ‘KRI Nanggala 402’ потонала и сите 53 членови на екипажот загинале на должност“, објави Чаханто за новинарите.
Подморницата една од петте во индонезиската флотила, набавена во 1981 година од германско производство, учествуваше во воените маневри во близина на брегот на туристичкиот остров Бали пред со неа во средата да биде загубен контактот.
Според медиумите, екипите за пребарување и спасување пронашле три дела од потонатата подморница, а Маргоно потврдил дека, веројатно под притисокот на водата, односно потонувањето под нејзината максиламна длабочина на нурнување се распаднала на три дела.
Претходно индонезискиот претседател Џоко Видодо објави дека запираа акцијата на спасување на морнарите и ги прогласи за загинати, бидејќи и најоптимистичките процени говореа дека резервите на кислород во подморницата би се потрошиле до саботата рано утрото.