Проработе веб-страницата на ДИК

Страницата на ДИК повторно е во функција, по хакерскиот напад кој се случи на денот на изборите, по што таа остана недостапна за граѓаните во изминативе два дена. Од изутринава на страницата можат да се најдат резултатите од последните парламентарни избори во земјава и распределбата на мандатите.

Неофицијалните резултати од предвремените парламентарни избори конечно можат да се видат на веб-страницата на Државната изборна комисија. Според овие податоци излезноста на овие избори била 51,34 отсто од гласачите. Гласале 942.334 граѓани, важечки гласови 910.868, а избројани се 31.466 неважечки ливчиња.

Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски нагласи дека во текот на изминатите неколку дена ДИК спроведе избори за избор на пратеници на парламентарните избори во исклучително тешка и комплицирана ситуација кога во државата владее пандемиска криза предизвикана од Ковид-19 вирусот, посочувајќи оти сите се сведоци дека организацијата на овој изборен процес течела како што треба и дека трите дена на гласање овојпат првпат во нашата држава се одвивале непречено.

– Во текот на вчерашниот ден се случи хакерски напад на системот на ДИК, односно на нашиот сајт, кој предизвика би рекол не голема штета, туку мало одложување на оперативната активност на ДИК. Притоа се појавија разни шпекулации, разни лажни вести предизвикани од тие шпекулации кои во текот на денов се ширеа. Сакам во име на Комисијата да ги демантирам тие шпекулации и да укажам на фактот дека ДИК работи согласно Изборниот закон каде точно се предвидени постапките за утврдување на резултатите, истакна вчера Дерковски.

Излезноста по изборни единици е следна: ИЕ1 – 52,56%,  ИЕ2 – 48,67%, ИЕ3 – 57,63%,  ИЕ4 – 60,19%,  ИЕ5 – 50,5% и ИЕ6 39,98%.

Најголема билча излезноста во Крива Паланка – 72,46%, во Крушево 71,0 %, Новаци 70,76 отсто, Македонски Брод 70,09%, а најмала излезност е регистрирана во Центар Жупа 21,7% и Маврово-Ростуше 29,94 отсто.

Според конечните неофицијални резултати од предвремените парламентарни избори што се одржаа вчера, Коалицијата Можеме предоведна од СДСМ освои 46 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ и други 44, Демократската унија за интеграција (ДУИ) 15, Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден мандат.

Од ДИК соопштија дека во првата ИЕ коалицијата Можеме освои осум пратеници, ВМРО-ДПМНЕ седум, ДУИ два, Алијанса на Албанците и Алтернатива два и Левица еден пратеник. Во ИЕ2, ВМРО-ДПМНЕ и Можеме освоија по седум мандати, ДУИ три, АА/А три пратеници. Во ИЕ3, ВМРО-ДПМНЕ освои 10 пратеници, Можеме девет и Левица еден пратеник.

Во ИЕ4 мандатите ги поделија ВМРО-ДПМНЕ и Можеме, односно по 10 пратеници. Во ИЕ5 ВМРО-ДПМНЕ и Можеме освоија по осум пратеници, ДУИ три, и АА/А еден пратеник. Во шестката, ДУИ освои седум, АА/А шест, Можеме четири, ВМРО-ДПМНЕ два и ДПА еден пратеник.

СДСМ и коалицијта освоиле 327.329 гласа, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоиле 315.344 гласа, ДУИ 104.587 гласови, Алијанса за Албанците 81.827 гласа, Левица 37.551 глас и ДПА 13.891 глас.

Во ИЕ 1, коалиција СДСМ освои 54.578 гласови, односно осум пратенички места, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 50.564 гласови – седум мандати, ДУИ 19.672 – две, АА 14.143 – две, ЛЕВИЦА 12.124 едно пратеничко место и  ДПА 1.964.

Во Изборна единица 2,  Коалиција СДСМ 47.852, односно седум мандати, Коалиција ВМРО-ДПМНЕ 47.929 – седум пратенички места,  ДУИ 22.078 три, АА 20.783 – три, ЛЕВИЦА 5.896 и ДПА 1.821

Во ИЕ 3 Коалиција СДСМ 66.853 гласови – девет мандати, Коалиција ВМРО-ДПМНЕ 71.551,  односно 10 пратенички места,  ДУИ 3.331, АА 992, ЛЕВИЦА 6.939 – еден мандат и  ДПА 242 гласови.

Изборна единица 4 – Коалиција СДСМ 77.195 гласови – 10 мандати, Коалиција ВМРО-ДПМНЕ 74.478 10 мандати,  ДУИ 293, АА 213 и ЛЕВИЦА 6..836

Во Изборна единица 5, Коалиција СДСМ 56.622гласови, односно осум пратенички места,  Коалиција ВМРО-ДПМНЕ 55.159 – осум мандати, ДУИ 21.745 – три мандати, АА 10.716 еден мандат, ЛЕВИЦА 4715 и ДПА 781.

Во Изборна единица 6 Коалиција СДСМ 24.229 – четири мандати, Коалиција ВМРО-ДПМНЕ 15.663 – две пратенички места, ДУИ 37.468 – седум мандати, АА 34.450 – шест, ЛЕВИЦА 1041 и ДПА 9083 – еден мандат.

Повеќе партии најавија приговори.