Просечната плата не е доволна ниту за основните потреби на едно четиричлено семејство

Минималната потрошувачка кошничка во февруари изнесувала 33.702 денари што значи дека толку пари му биле потребни на едно четиричлено семејство за да ги подмири основните месечни потреби.

Во споредба со просечната плата исплатена во декември како последен објавен официјален податок од Државниот завод за статистика, минималната потрошувачка кошничка е за речиси 5.500 денари повисока.

Најмногу пари или 14.078 денари биле потребни за храна и пијалоци, 10.825 денари за потребите во домот и 2. 478 денари за превоз, покажуваат податоците од Сојузот на синдикати на Македонија, кој секој месец ја пресметува вредноста на минималната синдикална кошничка. За обувки и облека биле потребни минимум 2.131 денар, а за културни активности само 1.067 денари.

Од ССМ неодамна посочија дека просечната плата покрива околу 70 проценти од синдикалната кошничка. Поради тоа, бараат со растот на просечната плата, да расте и минималната плата. Заложба на ССМ е минималната плата да порасне на 60 проценти од просечната плата што, според синдикатот, е пракса во европските држави.