Денот на независноста – 8ми Септември, и оваа година, Владата и граѓаните ќе го прослават на отворено, во дворот односно паркот покрај владината зграда.
Денес, со почеток во 18:30 часот, најмладите со нивните семејства ќе се забавуваат со програмата што за нив ја подготвува Петко и 5+ Бенд. Забавно-музичкиот дел за возрасните ќе започне во 19:30 часот и ќе трае до 23.30 часот.
Програмата под отворено небо, во дворот на Владата на Република Македонија, ќе почне со музиката на оркестарот на Македонската филхармонија, заедно со Тамара и Тијана, кои ќе ги изведат најубавите македонски евергрини, со почеток во 19:30.
Обраќање на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев е предвидено во 20:15 часот.
Во 20:35 ритамот на празничната прослава ќе го засилат Македонската филхармонија и маестро Џијан Емин со проектот „Оригинатор“ на продуцентот на електронска музика, Хуан Аткинс.
Во завршницата на музичката програма вечерта ќе настапат и познатите домашни ДЏи, Феки Фарис и Огнен Узуновски – Оги.
Со ова соопштение Владата на Република Македонија ги кани сите граѓани да бидат дел од големата прослава на овој наш празник. Се гордееме со минатото и гледаме кон иднината! Заедно одиме напред!