Министерот за надворешни работи Бујар Османи на прес-конференцијата во вторникот лично ја потврди информацијата за која во поенделникот извести поралот Алмакос а индиректно потврда добил и порталот „360 степени“ писмено од Министерството за надворешни работи, дека минатата седмица дипломат од руската амбасада во Скопје е прогласен за персона нон-грата.
Меѓутоа, и одговорот на шефот на македонската дипломатија Османи, не содржи поединости за причините за потегот.
„Бидејќи информациите од овој карактер се доверливи, само ќе кажам дека Министерството за надворешни работи, во рамките на своите надлежности, ги презема сите соодветни мерки и активности согласно виенската конвенција за дипломатски односи со цел да ја заштити националната безбедност на Република Северна Македонија, како и безбедноста на нашите сојузници“, изјави Османи на прес-конференцијата.
Порталот Алмакос, повикувајќи се на извори од Министерството за надворешни работи, објави дека минатата среда повторно бил депортиран висок руски дипломат. Станува збор наводнбо за заменик-военото аташе А.Шевченко, кој според извори на порталот презел „несоодветни дипломатски дејствија“.
Во мај годинава, еден руски дипломат во земјава беше прогласен за персона нон грата, а како причина за протерување на дипломатот се посочуваат активности што не се во согласност со однесувањето кое се очекува од странски дипломат што служи во земјата домаќин.
Претходно, рускиот амбасадор во Скопје, Сергеј Александрович Баздикин, бил повикан во македонското Министерството за надворешни работи, каде што бил известен за тоа.